Линкови за пристапност

Лавров ги предупреди САД и ЕУ за кризата во Македонија


Македонскиот министер за надворешни работи кажа дека Западот треба да биде загрижен за руските активности

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во четвртокот ги предупреди западните држави да не ја дестабилизираат политичката ситуација во Македонија.

Тој ова го кажа на прес-конференција во Москва, два дена по посетата на комесарот за проширување на Европската унија на Скопје, каде Јоханес Хан уште еднаш се обиде да помогне во надминување на политичкиот застој во државата.

„Моменталната ситуација во Македонија - дури би ја нарекол и криза, во многу аспекти вештачки предизвикана, води до ситуацијата подобна за обиди на поделба на општеството какви што се направени“, рече Лавров, додавајќи дека Западот треба да ја разбере „опасноста од таквите обиди.“

Тој исто така рече дека е збунувачки што руските активностите на Балканот се сметаат за „провокативни“ и дека односите на Русија со балканските држави не треба да биде причина за загриженост на Западот.

Очигледно одговарајќи на тоа, македонскиот Министер за надворешни работи Никола Попоски, за Гласот на Америка кажа дека Западот треба да биде многу загрижен.

„Лесно може да се сфати дека светска сила како Русија би имала интереси во поголем дел на светот“, изјави тој за Гласот на Америка на македонски јазик, по средбата со американски законодавци во Вашингтон.

„Но она што навистина е важно е што е во интерес на државите во регионот“, додаде тој. „Што се однесува на Македонија, ние сме јасни дека членството во ЕУ и НАТО се наш приоритет, и ние би сакале да ги постигнеме овие цели, бидејќи сметаме дека тоа е најдобриот рецепт за мир, стабилност и економски просперитет во регионот.“

Лидерите на Европската унија и аналитичарите велат дека политичката конфронтација во Македонија може да излезе од контрола, надодавајќи на зголемените етничките тензии низ дестабилизираниот Балкан.

Минатата недела, српскиот премиер Александар Вучиќ предупреди на сериозни последици во случај ако Европската унија на државите од Западниот Балкан не им даде јасна порака за приклучување кон блокот, посочувајќи на растечкиот национализам и проруските симпатии во регионот.

Во средата, српскиот Министер за одбрана Зоран Ѓорѓевиќ повика на заеднички српско-американски воени вежби.

Во понеделникот, Министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ рече дека НАТО сојузниците предводени од САД ја поддржуваат истрагата која црногорските обвинители ја нарекуваат проруски заговор за соборување прозападната влада на земјата, за да се спречи приклучувањето кон воената алијанса.

Кандидатурата на Црна Гора за членство во НАТО чека на одобрување од Сенатот на САД.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон во средата изјави дека пристапот на Црна Гора во НАТО ќе создаде континуирана граница по должината на јадранскиот брег.

„Бидејќи Црна Гора се граничи со пет други балкански држави, вклучувајќи ги и НАТО сојузниците Хрватска и Албанија, со членство во НАТО ќе се поддржи поголемата интеграција, демократските реформи, трговијата, безбедноста и стабилноста кај сите нејзини соседи“, кажа Тилерсон.

Министрите за надворешни работи на Србија, Македонија и Црна Гора беа во Вашингтон за учество на конференцијата на глобалната коалиција за пораз на Исламската држава, организиран од Стејт департментот.

(Извештајот е направен во соработка со Македонскиот и Српскиот сервис на Гласот на Америка)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG