Линкови за пристапност

Филмски поглед на Лук Бесон на нобеловката Ан Сан Су Чи.

Промоцијата на филмот „Дамата“ за нобеловката Ан Сан Су Чи во САД се поклопи со нејзиното освојување на место во парламентот на неодамнешните избори во Бурма. Филмот го поздрави и државната секретарка Хилари Клинтон, која учествуваше на тркалезна маса заедно со режисерот Лук Бесон и актерката Мишел Јео.

„Дамата“ ја портретира Ан Сан Су Чи уште од дете. На три години, во 1947-ма, нејзиниот татко и борец за демократија, генералот Ан Сан, паѓа како жртва на противниците.

Таа подоцна станува политички активист. Во 1988-ма, пред половина милион луѓе на собир во Рангун, упатува повик за демократија. Актерката Мишел Јео за улогата морала да научи бурмански за осум месеци.

„Тогаш по првпат им се обрати на луѓето за да им каже кој е татко и`, за да им каже дека иако е мажена за Англичанец и живеела во странство, нејзиното срце е со нив“, вели Јео.

Една година потоа, Су Чи е ставена во домашен притвор што ќе трае 15 години. Режисерот Бесон говори за тешкотиите да го отслика тоа: „Не може да престојувате во Бурма, освен како турист. Беше тешко да добиеме информации. Со помош на 200 фотографии и Гугл Земја, изградивме верна копија на нејзината куќа“.

„Дамата“ е и љубовна приказна, за поддршката на сопругот на Су Чи, Мајкл, и покрај раздвоеноста на која се принудени. Бесон вели дека промоцијата на филмот случајно се поклопила со делумните парламентарни избори во Бурма – први по подолго време, на кои Су Чи освои место во парламентот.

XS
SM
MD
LG