Линкови за пристапност

Крушево како авантуристичка дестинација


Проект „Откриј го Крушево- природа, култура, авантура“

Небото над Крушево вчера неколку часа беше прекриено со десетици параглајдери. Адреналинот на оние што од воздух уживаа во прекрасните пејсажи на Пелагонија не беше ништо поголем на оние кои долу на крушевските падини уживаа во земните задоволства - богата традиционална крушевска трпеза исполнета со пити, амалјии, чомлек и бакрданик со кисело млеко, слатко и мармалад од крушевски малини и капини, крушевски мед и на далеку познатиот локум. ​

Неколкуте илјади домашни и странски гости вчера го открија Крушево, но не неговата богата историја, туку неговиот потенцијал за авантуристички туризам преку целата година, преку проектот „Откриј го Крушево- природа, култура, авантура“, во организација на Карана корп., УСАИД, Центарот ​за развој на Пелагонискиот регион, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Општината Крушево.

Ова е голем проект за да се покаже дека Крушево има со што да се пофали сите 365 дена во годината, вели Емилија Героска, од Центарот за развој на пелагонискиот плански регион.

„Сакаме да ги откриеме сите страни и се` што може да понуди Крушево на секој што ќе го посети од земјава и од странство. Крушево е атрактивно со својата кујна, со дивата природа, со околината и, секако, со историјата. Трите аспекти на авантуристичкиот туризам: култура, природа и авантура ги имаме токму на ова место“, објаснува Героска.​

Освен параглајдерските трки, што се во рамките на Светскиот куп, на располагање на авантуристите што вчерашниот ден го минаа во градот Крушево и неговата планинска околина, им беа и 40 километри долгите велосипедски патеки, пешачки патеки, јавањето на коњи, прошетката низ Крушевската корија стара 300 години, дегустацијата на старата крушевска кујна и крушевскиот локум, посетата на леарницата и на старата Крушевска чаршија. На Мечкин Камен се разви и македонско оро, што го започнаа десетината странски туристи што во изминатите неколку дена посетуваа часови по македонски ора и танци токму во Крушево.

„Крушево има многу со што да се пофали. Сите манифестации: Крушево град на културата, Етно град, Откриј го Крушево, годинава го зголемија бројот на странските туристи за 30 отсто во споредба со лани“, вели крушевскиот градоначалник Ѓорѓи Дамчески.

Најголем број од странските авантуристи за првпат ги открија и Крушево и Македонија.

„Условите за летање се речиси идеални. Може да се лета и на 3.000 метри“, вели Џонатан Ком од Израел.

„Крушевската традиција е прекрасна. Воодушевуваат македонската музика и песна, особено облеката и храната“, ги пренесува импресиите Одил Киблер од Франција.

Вчерашниот настан е само вовед во она што ќе има свое продолжение веќе следниот месец. На крајот на август и почетокот на септември, Светската асоцијација на авантуристички туризам – АТА, со 25 тур-оператори и новинари ќе ги мапираат овие и другите атрактивни македонски дестинации, а во 2016-та Македонија најверојатно ќе биде домаќин и на Европското првенство во параглајдерство.

XS
SM
MD
LG