Линкови за пристапност

Северна Кореја префрлила проектил на источниот брег


Севернокорејски војник ја набљудува границата со Јужна Кореја
Севернокорејски војник ја набљудува границата со Јужна Кореја

Јужнокорејски претставници ја потврдија веста откако официјален Пјонгјанг најави дека ги одобрил плановите за нуклеарен напад врз САД.

Јужна Кореја потврди дека Северна Кореја префрлила проектил на својот источен брег, само неколку часа откако официјален Пјонгјанг соопшти дека дал финална дозвола за започнување на напад против САД.

Јужнокорејскиот министер за одбрана Ким Кван-Џин денес изјави дека проектилот навидум е со „значителен дофат“, но најверојатно не таков за да допре до главниот дел на територијата на САД. Тој рече и дека не е позната причината за префрлањето, но дека е можно проектилот да биде употребен за тестирање или вежба.

Претходно, Северна Кореја соопшти дека ги одобрила плановите за нуклеарен напад врз САД, нешто за кое се смета дека нема капацитет да го стори. Земјата ја повтори и заканата дека војната може да избие во секој миг.

Американскиот секретар за одбрана Чак Хегел вчера кажа дека Пентагон ги зема заканите сериозно, како и дека САД наскоро ќе распоредат истурен систем за ракетна одбрана на островот Гуам во Тихиот Океан, како мерка на претпазливост.

Северна Кореја, гневна на неодамнешните санкции на ОН во врска со нејзината нуклеарна програма, последниве неколку недели речиси секојдневно упатува закани кон Јужна Кореја и САД.
XS
SM
MD
LG