Линкови за пристапност

Кина и Русија ќе ја зајакнат безбедносната соработка, кажа Лавров


Рускиот министер за надворешни работидодаде дека двете земји се договориле „да започнат дијалог со вклучување на други наши истомисленици за ова прашање“
Рускиот министер за надворешни работидодаде дека двете земји се договориле „да започнат дијалог со вклучување на други наши истомисленици за ова прашање“

По разговорите во Пекинг, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, денес рече дека Кина и Русија дополнително ќе ја зајакнат безбедносната соработка во Европа и Азија.

Лавров додаде дека двете земји се договориле „да започнат дијалог со вклучување на други наши истомисленици за ова прашање“.

На средбата со Шји Џјинпинг, Лавров искажал пофалби за кинескиот претседател, јавуваат руските медиуми.

Во извештаите се наведува дека Лавров му рекол на Шји дека Русија „би сакала да ја изрази нашата најголема благодарност и восхит за успесите што ги постигнавте во текот на годините, и пред сè, во изминатата деценија под ваше водство“.

Москва се залага за посилни дипломатски и економски врски со Пекинг бидејќи Русија станува се` поизолирана поради санкциите по нејзината инвазија на Украина.

Вчера, Лавров се состана со неговиот кинески колега Ванг Ји на разговори за војната во Украина и ситуацијата во азиско-пацифичкиот регион.

Русија и Кина се усогласуваат за неколку прашања и се повеќе се во спорови со демократските држави и членките на НАТО.

Состанокот меѓу Лавров и неговиот кинески колега Ванг Ји, доаѓа во време кога двете земји се усогласуваат за неколку прашања и се` повеќе се во спорсо демократските држави и членките на НАТО.

Посетата на Лавров се совпаѓа со крајот на четиридневните разговори на американската секретарка за финансии Џенет Јелен во Пекинг, која разговараше со кинеските претставници за економските прашања.

Јелен за своето патување рече дека имала „тешки разговори“ за националната безбедност, вклучувајќи ја и загриженоста на САД дека кинеските компании ја поддржуваат Русија во нејзината инвазија на Украина.

Минатата недела, американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече:

„Кина продолжува да обезбедува материјали за поддршка на руската одбранбена индустриска база“.

И покрај тоа што одржува цврсти економски врски со Русија, Кина тврди дека не обезбедува оружје или воена помош за Русија.

Во понеделникот, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека „Кина има објективна и фер позиција за украинското прашање“.

Оттаму велат дека „Кина не е креатор или страна на украинската криза и ние нема да направиме ништо за да профитираме од неа“.

Само неколку недели пред Русија да ја нападне Украина во 2022 година, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џјинпинг потпишаа договор „без ограничувања“ за меѓусебните односи на земјите.

Од договорот наваму, Кина ја поддржува руската реторика околу инвазијата, согласувајќи се дека западните сили го испровоцирале конфликтот.

Сепак, Пекинг формално бара мировни преговори да се стави крај на конфликтот.

Кинеското министерство за надворешни работи денес рече дека Пекинг „ќе продолжи да ги промовира мировните разговори на наш начин (и) да одржува комуникација со релевантните страни, вклучувајќи ги Русија и Украина“.

Додаде дека „релевантните земји не треба да ги оцрнуваат и напаѓаат нормалните односи меѓу Кина и Русија ... а камоли да ја префрлаат вината на Кина и да предизвикаат конфронтација на блокот“, очигледно мислејќи на САД.

Од инвазијата на Украина во 2022 година, Русија се соочи со голем број санкции, кои во голема мера ја изолираа земјата од западниот свет.

Како резултат на тоа, дипломатските и економските врски меѓу Москва и Пекинг се зајакнаа, со што Русија стана најбрзо растечки трговски партнер на Кина.

Покрај економската соработка, двете земји ја зголемија и стратешката соработка, одржувајќи заедно воени вежби и со цел да извршат влијание врз земјите во развој преку различни иницијативи.

Минатиот месец, кинескиот заменик-министер за надворешни работи рече дека врските на Пекинг со Москва се „најдобри во историјата“.

Дел од информациите во текстот се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс-прес

XS
SM
MD
LG