Линкови за пристапност

Кери: Почестен сум да бидам првиот американски државен секретар којшто ја посетил Хирошима


Ова го изјави на крајот на дводневните средби со своите колеги од Групата 7, во чии рамки беше и посетата на споменикот од Втората светска војна подигнат во чест на жртвите во овој град.

Џон Кери вели дека е, цитираме, длабоко погоден и почестен да биде првиот американски државен секретар којшто го посетил градот Хирошима во Јапонија, уништен по американскиот напад со атомска бомба кон крајот на Втората светска војна.

Тој ова го изјави на крајот на дводневните средби со своите колеги од Групата 7, во чии рамки беше и посетата на споменикот од Втората светска војна подигнат во чест на жртвите во Хирошима.

Запрашан дали и претседателот Барак Обама ќе ја посети Хирошима за време на Самитот на Г7 што во Јапонија ќе се одржи во мај, Кери истакна дека се надева оти еден ден претседател на САД ќе биде меѓу оние коишто ќе го посетат овој град.

Кери додаде дека Обама изразил интерес по прашањето, но не даде информации дали распоредот на претседателот за време на претстојната посета на Јапонија, ќе го дозволи тоа.

На средбите на министрите за надворешни работи на Г7 беше главно разговарано за неширењето на нуклеарното оружје и разоружувањето. Јапонскиот министер за надворешни работи, Фумио Кишида беше запрашан за неодамнешните коментари на републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп, којшто кажа дека Јапонија и Јужна Кореја треба да поседуваат нуклеарно оружје, со цел да ја намалат зависноста од САД за да бидат заштитени.

„За нас, доаѓањето до нуклеарно оружје е комплетно незамисливо“, истакна Кишида.

Глобалната безбедност беше во фокусот на разговорите на секретарот Кери и министрите од Г7. Во заедничко коминике, учесниците ги осудија неодамнешните напади во Брисел и Париз, како и сето друго насилство од страна на терористичките групи.

XS
SM
MD
LG