Линкови за пристапност

Полојален сум и` на државата, отколку на партиските авторитети!

  • Синиша Станковиќ

Рано најавена кандидатура: професорот Јове Кекеновски

Рано најавена кандидатура: професорот Јове Кекеновски

Јове Кекеновски ја промовираше кандидатурата за партиски кандидат за претседател на Македонија на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Официјално соопштувајќи ја номинацијата за претседателски кандидат на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, која според него ќе се оджи во средината на февруари следната година, професорот Јове Кекеновски, еден од членовите на владејачката партија од нејзиното основање, денес изјави дека е „еманципиран вмровец“ кој ги почитува граѓаните на Македонија без разлика на етничката и верската припадност. Со денешната промоција и обелоденувањето на кандидатурата за претстојната Конвенија, на која не присуствуваше никој од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, Кекеновски смета дека им фрлил ракавица в лице на евентуалните конкуренти и дека им дава шанса - навреме да ја проучат неговата програма и да им ги понудат на партиското членство, но и на целата македонска јавност своите програми.

„Да ги соочиме аргументите, а не да собираат гласови со умилкување на партиските авторитети“, рече Кекеновски, кој е цврсто убеден дека ќе биде избран за кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за следните претседателски избори.

Тој денес потенцираше дека иако во своите јавни настапи често има различни и спротивставени ставови со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, и иако и критикувал одделни нивни потези, неговата кандидатура нема да биде одбиена, зашто членството на партијата знае оти тој и е „полојален на државата, отколку на партиските авторитети“.

Иако беше дециден дека би бил позадоволен кога за партискиот кандидат за претседател на Македонија би се одлучувало на внатрепартиски избори, а не само со гласовите на 1.200 присутни на Конвецијата, Кекеновски изјави дека неговите шанси се сепак, најголеми, зашто „на граѓаните им е смачено од од квази-политичари и квази-функционери“, како и дека „на граѓаните им е здодеано од кандидати кои на претседателската функција гледаат како на врвен ловџиски трофеј, до кој се стигнува преку умилкување на партиските авторитети“.

Кекеновски беше дециден и дека ако биде избран за претседател на Македонија ќе ја смени сликата во јавноста за оваа функција, дека ќе се залага за дистинкција на ингеренциите на извршната власт и на претседателот, и дека нема да дозволи како претседател само церемонијално да ја врши функцијата и да не ги користи своите ингеренции. Тој најави дека како претседател доследно би го почитувал парламентарно-претседателски систем, дека во неговата програма важно место зазема почитувањето на различностите, но и дека почитувајќи ја определбата за Македонци по род и по државјанство нема да дозволи „тиранија на малцинството над мнозинскиот народ“.

Во поглед на спорот со името, Кекеновски најави дека како претседател би работел на исправање на неправдата низ транспарентни преговори, но и дека би се залагал за постигнување на единство меѓу политичките субјекти околу „црвените линии“: зачувувањето и почитувањето на македонскиот идентитет, културата и јазикот. Професорот смета дека македонската дипломатија треба да биде професионална, а дека претседателот на Македонија не би смеел да дозволи паралелизам во водењето на надворешната политика, што, според него, досега се случувало.
XS
SM
MD
LG