Линкови за пристапност

Јуни - Месец на имигрантите во САД

  • Јулија Велковска

Претседателот на ОМД Методија Колоски стана член на Почесниот одбор на Welcome.us

Втора година по ред, јуни се одбележува како Месец на имигрантите во САД, акцентирајќи ја нивната улога во обликувањето на американската историја и култура. Претседателот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) Методија Колоски годинава стана член на Почесниот одбор на непрофитната организација Welcome.us, којашто го слави имигрантското наследство преку собирање и споделување на искуствата и приказните на оние коишто се доселиле во САД. Во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик вели дека му претставува особена чест да биде дел од одборот каде што членуваат личности како основачот на Фејсбук Марк Закенберг и едниот од основачите на Јутјуб Стив Чен.

„Целта е да оствариме соработка, со оглед на фактот дека имиџот на имиграцијата е еден од начините да се прослави оваа историја“, рече Колоски.

Ни` ја раскажува својата приказна: потекнува од семејство на родители - имигранти, коишто во САД дошле во доцните 1970-ти, за, како што вели, подобра иднина.

„Горд сум што заедно со сестра ми сме родени овде. Дома отсекогаш сме ги славеле македонските традиции и обичаи, и сме го говореле македонскиот јазик, никогаш не заборавајќи од каде дојдовме. Сепак, останавме благодарни што Америка ни` ги обезбеди сите услови, конкретно за мене, да бидам првиот во семејството со високо образование“.

Колоски вели дека годинава за прв пат и претседателот Барак Обама преку видео-порака, говорејќи за своето потекло од Ирска и Кенија, ги истакнал имигрантските заедници во САД како двигател на општеството.

И Конгресот работи на промоција на уникатната улога на имигрантите.

„Во најскоро време, во американскиот Конгрес ќе биде донесена резолуција којашто е веќе поддржана од околу 35 конгресмени од обете партии. Од страна на македонската заедница, веќе почнавме да ги раскажуваме приказните на Македонците коишто имиграрале во САД во различни периоди. Сакаме да доловиме нешто повеќе за оние Македонци коишто успеале овде, а не ги заборавиле своите корени“, вели Колоски.

На одбележувањето на Месецот на имигрантите во Конгресот, ОМД учествуваше заедно со 16 други организации на дијаспората. Колоски наведува дека говореле конгресмени со потекло од различни земји, но со заедничка порака - да се почитува пожртвуваноста на претходните генерации на имигранти во САД.

Белата куќа, пак, втора година по ред го чествуваше Денот на етничките групи, а ОМД беше еден од спонзорите. На средбата на околу 170 етнички водачи со виши претставници од Кабинетот на претседателот, се говорело за имиграционите реформи и надворешната политика. Колоски издвојува дека на настанот годинава по првпат присуствувал и свештеник од Македонската православна црква. Бранко Постоловски од Сиракуз, сојузната држава Њујорк одржал куса молитва за подобрување на дијалогот меѓу различните етнички групи и за добросостојбата на САД.

XS
SM
MD
LG