Линкови за пристапност

Нападите врз новинари се аномалија во општеството


Поранешни и сегашни новинари се загрижени за се` позачестените вербални, но и физички напади врз новинари во Македонија. Таков беше последниот случај кога за време на протестите на движењето За заедничка Македонија физички беше нападната екипа на интернет порталот „А1он“.

Александра Теменугова од Високата школа за новинарство во Скопје, вели дека тоа е само еден од серијата напади и деградирања на новинарската професија во земјава:

„Во едно демократско општество, доколку имате новинари кои се тепани додека ја вршат својата работа, да не зборувам за „клиентилизмот“ и поврзаноста со различни политички и бизнис интереси и сопственички структури на медиуми со ваков тип на елити. Тоа само покажува една комоција на носителите на политичките функции зашто ваквите инциденти поминуваат неказнето. Од тоа имаме последица. Оној кој ќе се осмели да посегне по новинар се чувствува доволно комотен дека нема да биде санкциониран“, вели Теменугова.

Новинарот Горан Момироски од телевизијата Телма, вели дека е загрижен за се` она што се случува околу нас. Тој смети дека ако ваквата ситуација брзо не се надмине, и во иднина ќе бидеме сведоци на немили настани.

„Не е сеедно кога гледате дека од известување од одреден настан новинарите се мета на незадоволство на толпа, па и мета за физички напади. Гледаме дека тие не само што не се осудуваат, во одредени ситуации дури се поттикнуваат, што е недозволиво, но најзагрижувачко е што дел од случаите на напади врз новинарите воопшто не се решаваат“, вели Момироски.

Од центарот за слобода Цивил, велат дека говорот на омраза којшто е присутен во медиумите, резултира и со насилство врз новинарите.

„Нашиот став е дека доколку продолжи оваа ситуација чијшто краен резултат се овие насилства врз медиумите е дека тоа и ќе продолжи. Затоа, да се спречи треба нешто да се промени како во дискурсот во медиумите, така и институциите да почнат ефективно да реагираат на такви постапки, по брзо и поефикасно да донесуваат пресуди“, вели Марија Трајковска од центарот за слобода Цивил.

На нашите обиди да добиеме точни податоци од страна на Министерството за внатрешни работи за тоа колку предмети од почетокот на 2017-ма година се покренати од страна на новинари за напади врз нив, и колку од нив се решени, не ни беше одговорено.

Инаку според најновиот извештај на Фридом Хаус , Македонија е ставена во групата на неслободни земји во однос на слободата на медиумите, и е единствена држава од регионот која се најде во оваа група.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG