Линкови за пристапност

На сарказмот на новинарите, ВМРО-ДПМНЕ обвинува

  • Синиша Станковиќ

Тврди дека имаат политички амбиции.

„Овие луѓе денес, во име на СДСМ, се пресметуваа со Трајко Вељаноски и со Никола Груевски. Овие луѓе денес ја покажаа својата опседнатост од политиките на Бранко Црвенковски. Тие покажаа дека најмалку можат да се повикуваат во името на независни новинари“, се вели во денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ, по повод акцијата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Откако претседателот на Собранието Вељановски, кој се почувствувал навреден од насловот и поднасловот на текстот за анкетата по повод настаните од 24-ти декември, побара и доби јавно извинување од главната уредничка на „Утрински весник“ - на насловната страница на весникот, претставниците на Синдикатот и новинари од неколку медиуми на првиот парламентарец и на премиерот Груевски денес им доставија колективно извинување, како саркастична новинарска реакција на притисоците и заканите од политичките субјекти врз медиумите.


Со ваквиот ироничен гест, тие доставија и „образец со извинување“, со кој од Вељановски и Груевски однапред бараат прошка затоа што „својата работа не ја извршуваат според потребите на политичарите“.

„Согласно законските одредби, му се извинувам на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски затоа што не ги манипулирал резултатите од анкетата за наводните инциденти на 24 декември 2012 во Собранието и истите ги повлекувам. И инцидентите и резултатите... Затоа што не го послушавме обезбедувањето на Собранието кое убаво нè замоли да ја напуштиме ложата. Затоа што во Собранието нема маникир за ноктите на пратениците“, се вели, меѓу другото, во ироничниот образец..

Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека ги поздравува „оние на кои политиката им е очигледно подрага отколку новинарската професија и им порачуваме да соберат потписи со кои ќе формираат политичка партија со која ќе настапат на избори, за да си го видат својот личен углед и авторитет помеѓу народот“.

Од владејачката партија порачаа дека ќе продолжат да работат за воведување демократски и цивилизациски стандарди во секој сегмент на македонското општество: „Ќе продолжиме низ дијалог со релевантни субјекти да ги решаваме проблемите, и на луѓето кои работат како новинари, и на сите останати категории како, земјоделците, бизнисмените, пензионерите, младите и сите останати. Се надеваме дека секогаш во тој дијалог од другата страна имаме и ќе имаме луѓе на кои приоритет им се интересите на граѓаните, а не интересите на поедини политички партии и одделни политичари“.

За ВМРО-ДПМНЕ, денешниот настап на раководството и на дел од синдикатот на новинарите „повеќе наликувал на политичка партија отколку на синдикат“.

Во извинувањата подготвени за премиерот Груевски, новинарите и синдикалците му се извинуваат и „за секое ненарачано и нетематско прашање кое можат да го постават на тематска прес конференција“ и „затоа што доаѓаат навреме на прес конференции“.

По катастрофалниот пад на Македонија за 82 места во извештајот за медиумските слободи на „Репортери без граници“, македонските новинари денес му се извинија на премиерот Груевски и „затоа што Македонија падна на најниско ниво според медиумските слободи“, „за сите други текстови со кои известувале, а со кои Македонија била ставена во негативен контекст“, но и „за секое друго сторено и идно прегрешение, волно и неволно“.
XS
SM
MD
LG