Линкови за пристапност

Новинарот Кежаровски пуштен во домашен притвор


Мерката важи до „до започнување со издржување на изречената казна затвор“, според судското соопштение.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, постапувајќи по предлогот за укинување на мерката притвор определена против обвинетиот Томислав Кежаровски од Скопје, поднесен преку неговиот бранител, ја укина мерката притвор против обвинетиот“, пишува во денешното соопштение на Основниот суд Скопје 1, според кое, мерката куќен притвор за Кежаровски важи до правосилноста на пресудата, односно „до започнување со издржување на изречената казна затвор“.

Со оглед дека евентуална жалба на Обвинителството на денешното судско решение не го спречува неговото извршување, додека ова го јавуваме, семејството на Кежаровски го очекува пред вратите на Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка. Сопругата на новинарот (кој и покрај бројните ракции на домашната јавност, меѓународните новинарски организации и организациите за заштита на слободата на изразување и на човековите права и слободи, веќе 5,5 месеци е во притвор), Марина Кежаровска, за Гласот на Америка на македонски јазик телефонски изјави дека е пресреќна поради решението и им се заблагодари на сите поддржувачи на нејзиниот сопруг.

Прва реакција на денешната одлука на судот дојде од Зоран Димитровски, главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, весникот во кој сега работи Кежаровски: „Веста дека Кежаровски е пуштен од притвор е доказ дека нашата битка за слобода на новинарот не била залудна, но таа ќе продолжи до неговото конечно ослободување од обвинението“.

Адвокатот на Кежаровски, Филип Медарски, за Гласот на Америка на македонски јазик изјави дека одлуката на судот се однесува на неговот последен предлог за пуштање од притвор во домашен притвор поради влошената здравствена состојба на новинарот, за што судот во последните два-три месеци беше редовно известуван со писмени дописи. Бранителот ни изјави дека се` уште ја чека пресудата на Основниот суд Скопје, со која новинарот беше осуден на 4,5 години затвор за наводно издавање на идентитетот на заштитен сведок во контроверзниот „Случај Ореше“, за да може да ја анализира и обжали.

И покрај протестите на новинари и активисти за граѓански права, како и понудената гаранција во имот, Судот во изминатите месеци не дозволи притворениот и потоа и неправосилно осуден новинар да се брани од слобода до правосилноста на пресудата.

Останатите неправосилно осудени лица од „Случајот Ликвидација“ за разни кривични дела, меѓу кои и судија, обвинител и адвокат - сите со долгогодишен стаж во македонското судство - остануваат во притвор. За „Случајот Ореше“, во кој обвинетите за убиство беа ослободени по признанието на наводно заштитетниот сведок во судница - дека лажел и презентирал признание напишано од полициски инспектори кое го научил наизуст - се чека одлука на Апелациониот суд.
XS
SM
MD
LG