Линкови за пристапност

Новинари го исвиркаа претседателот на Собранието


Од протестот на опозицијата во Собранието понеделникот, по што новинарите беа отстранети од галеријата.
Од протестот на опозицијата во Собранието понеделникот, по што новинарите беа отстранети од галеријата.

По ваквиот протест за понеделничкото насилно исфрлување од Собранието ја напуштија денешната седница.

Новинари во галеријата во собраниската сала го почекаа одложениот почеток на седницата за пратенички прашања, за потоа да го исвиркаат претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, по што заминаа во знак на револт поради тоа што беа исфрлени од пратеничкиот дом понеделникот.

На седницата, на која не беа присутни претставниците на опозицијата од етнички македонскиот блок партии, присуствуваа премиерот Никола Груевски и пратениците од владејачкото мнозинство – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Иако веднаш по инцидентот понеделникот Здружението на новинарите на Македонија - ЗНМ го осуди односот на службите за обезбедување во Собранието и ги прекина преговорите со Владата, а вчера поднесе и претставка до МВР со барање да се утврди кој е наредбодавачот за актот на насилство врз новинарите, претседателот на асоцијацијата Насер Селмани, кој пред три дена изјави дека се работи за „дно на неодговорно однесување на власта во обид да се пресмета со медиумите“, денес се огради од начинот на кој дел од присутните новинари го искажаа револтот.

„Таму имаше некои работи со кои ние не се согласуваме затоа што сметаме дека тоа не е наш начин на изразување на протест и незадоволство. Мислам дека имаше обид да се злоупотреби целата ситуација со која ние не се согласуваме... Ако некој сакаше да се солидализира со она што ни се случи, мислам дека пристојно ќе беше да не` прашаат кој е начинот на кој ние сакаме да го изразиме револтот. Тоа дефинитивно не беше. Од реакцијата од известувачите од Собрание сфатив дека најголемиот дел од нив не се согласуваат со начинот како некои новинари, колеги кои не известуваат од Собранието ја злупотребија целата ситуација. Ние сме незадоволни, меѓутоа нашиот начин на изразување и незадоволство сакаме да биде цивилизирано и достоинствено“, рече Селмани.

Претседателот на ЗНМ потенираше дека ги чекаат одговорите од сите институции, пред се` од МВР, затоа што „тие се најдиректно инволвирани“.

МВР засега не се изјаснува за нечија одговорност, а премиерот Груевски на денешните пратенички прашања за отстранувањето на новинарите повторно изрази жалење и одговори дека „се води постапка, која ќе има и завршница“, но нагласи и дека „треба да се осудат таквите чинови од сите страни, како оние во Собранието, така и оние надвор од законодавниот дом, за кои би рекол дека беа слични, па дури и полоши, бидејќи имавме обид за напад на новинар од страна на градоначалник од опозицијата“.

Претходно, откако премиерот изјави дека не е надлежен за настаните во Собранието и ги пренасочи новинарите на собранискиот спикер Вељаноски, тој во својата пишана изјава одговорноста ја лоцираше кај собранискот обезбедување: „Надлежното собраниско обезбедување, имајќи во предвид дека галеријата е во суштина дел од пленарната сала, донело оценка дека галеријата мора да биде празна за да не се случи некој поголем инцидент“.

За разлика од примената на сила врз новинарите, Вељаноски во денешното интервју за МИА призна дека тој ја издал наредбата за отстранување на опозициските пратеници од салата на Собранието, тврдејќи дека бил принуден да го одржи редот во пленарната салa и да создаде елементарни услови за работа. Тој смета дека во сите случаи во инцидентите во Собранието е постапено согласно со Деловникот, Уставот и законите и дека е испочитувана процедурата за донесување на буџетот.

Паралелно со собраниската седница, опозицијата продожува со своите активности. Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски за случувањата пред Собранието во понеделникот изјави дека опозицијата го пробила полицискиот кордон откако стигнале информациите дека при насилството врз членовите на парламентарната група на СДСМ имало и повредени пратеници и пратенички.

„Тоа беше целта, да влеземе во Собранието, да им помогнеме на нашите колеги пратеници кои што го бранеа уставниот поредок и демократијата во Република Македонија. Да, беше применета сила, не се жалам, бидејќи ми е јасно со кого си имаме работа, на што се се спремни, ние тоа ќе го издржиме. Оваа битка мора да се добие. Оваа битка е многу повеќе отколку битка помеѓу две партии, помеѓу власта и опозицијата, ова е битка за иднината на земјата!“, изјави Црвенковски во медумите.

СДСМ за попладнево најави и информирање на претставниците на дипломатскиот кор и на меѓународните организации за настаните пред и во Собранието, а денес започна со работа и таканаречениот „Прв граѓански парламент“, на отворено, во паркот спроти законодавниот дом.

„Нѐ исфрлија на улица, но нема да нѐ замолчат!“, изјави социјалдемократот Јани Макрадули, а лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов го праша премиерот Груевски дали има „толку храброст да ја примени истата тактика на влечење пратеници на ДУИ, за да се донесе законот за бранителите. Дали можете да го направите истото и со албанските пратеници, премиере? Дали знаете дека 70 отсто од полицајците кои беа во понеделникот пред Собранието се македонски бранители? Тие се гневни во себе бидејќи во понеделникот им беше наредено да тепаат Македонци!“.

СДСМ ќе продолжи со секојдневното полчасовно блокирање на најважните сообраќајници во поголемите градови низ Македонија, а советниците од оваа партија по напуштањето на седницата на битолскиот Совет, денес тоа го направија и во Советот на Град Скопје.

„На овој чекор се одлучивме бидејќи досега не било земано предвид нашето мислење за проектот Скопје 2014, сечењето на шумата на Водно, за менувањето на имињата на улиците и ред други прашања“, рече советничката Софија Куновска.

На собирите на опозицијата, за жал, имаше и повредени лица, со што се зголемува степенот на одговорноста на организаторите, на полицијата и на власта.

Во Прилеп сериозно биле повредени две лица откако теренско возило, управувано од лице со големо количество алкохол во крвта, се залетало во демонстрантите, а сличен настан се одвивал и во Неготино, каде е повредена девојка во која се залетало патничко возило.
XS
SM
MD
LG