Линкови за пристапност

Јордан погуби двајца милитанти


Роднина на убиениот пилот, на собир во неговото родно место близу Карак во Јордан
Роднина на убиениот пилот, на собир во неговото родно место близу Карак во Јордан

Во одговор на убиството на својот пилот од страна на Исламската држава

Јордан утрово погуби двајца милитанти, во одговор на грозоморното убиство на јорданскиот пилот Муат ал-Касасбе кого Исламската држава (ИД) го зароби по соборувањето на неговиот авион додека беше во акција против членовите на милитантната организација во Сирија.

Јорданските власти ја погубија Ирачанката Саџида ал-Ришави, осудена на смрт за самоубиствениот бомбашки напад во Аман во 2005-та и Ирачанецот поврзан со Ал-Каида, Зијад ал-Карбули. ИД бараше Ал-Ришави да биде ослободена во размена на затвореници, но Јордан најпрвин бараше доказ дека пилотот Ал-Касасбе е жив. Вчера, на Интернет се појави видео-снимка на којашто милитантите на ИД го палат живо лицето за коешто се претпоставува дека е пилотот, додека се наоѓа во кафез.

„Американското разузнавање нема причина да се сомнева во автентичноста на снимката“, изјави Брајан П. Хелј, одговорен за односи со јавност во Канцеларијата на директорот на Националното разузнавање.

Според јорданските власти, пилотот бил убиен уште пред еден месец.

„Ова е кукавички тероризам на криминална организација којашто нема врска со исламот“, изјави вчера јорданскиот крал Абдула, којшто беше во посета на САД. „Храбриот пилот го даде животот бранејќи ја својата вера, земја и нација и се приклучи на јорданските маченици“, рече тој.

Американскиот претседател Барак Обама, којшто накусо се сретна со Абдула, коментираше дека видеото е уште еден показател за „бруталноста и варваризмот“ на ИД.

„Мислам дека ова ќе ги удвои будноста и решеноста на глобалната коалиција, да обезбеди растурање и конечен пораз“ на ИД, кажа Обама.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го осуди убиството на пилотот и рече дека ИД е терористичка организација којашто не го почитува човековиот живот.

Учеството на Јордан во воздушните напади против лица од иста вероисповед не наиде на одобрување ширум земјата. Но, генералот Лојд Остин, којшто раководи со Американската централна команда, задолжена за борбата против милитантите, кажа дека ал-Касасбе „служел на својата земја со храброст и посветеност“ и дека бил важен член на коалиционите сили.

Вчера, непосредно пред да биде објавена веста за убиството на ал-Касасбе, американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот јордански колега Насер Џадех потпишаа меморандум што предвидува САД до 2017-ма да обезбедуваат по 1 милијарда долари годишно за Јордан. Кери рече дека оваа помош доаѓа згора на 467-те милиони долари што САД веќе ги дадоа на Јордан за помош на бегалците од Сирија и Ирак.

XS
SM
MD
LG