Линкови за пристапност

Анџелина Џоли: Ова е најважен филм во мојата кариера


Анџелина Џоли: Ова е најважен филм во мојата кариера

Анџелина Џоли: Ова е најважен филм во мојата кариера

Во ексклузивно интервју за Босанската редакција на Гласот на Америка, режисерката и сценаристка на филмот „Во земјата на крв и мед“ вели дека ова за неа е најважен филм што го направила во кариерата.

Запрашана за пораката од филмот до светот, Анџелина Џоли вели дека тоа е промоција на толеранција и разбирање. Од нејзиното искуство на патувања во постконфликтни региони таа генерално била запрепастена од неинтервенција на меѓународната заедница. Но, во случајот на Босна, вели, колку повеќе учела толку помалку разбирала, толку поемотивна станувала, и сакала филмот да помогне да се покрене дискусија за тоа како може на тие прекрасни луѓе да се помогне во опоравувањето, а светот да дознае за Босна.

Ако актерите не се согласиле со неа, таа вели дека ќе го уништела сценариото. Помошта од луѓето кои минале низ пеколното време на етничко чистење била толкава што таа вели „ова не е американски филм за Босна, туку филм на Босанци и еден Американец“.

Имало многу сцени за кои не била сигурна дали им е местото во филмот, иако дел од неа сакал да ја бомбардира публиката со сцени за кои очевидци сведочеле. Го дава примерот за состојбата кога кучињата немале што да јадат и јаделе човечки остатоци, заради што била снимена таква сцена – куче како јаде човечка рака. Но во суштина, вели Џоли, сакала светот да ги запознае овие луѓе и да ги засака, да го засака тој дел од светот.

Ова е прв режисерски проект на Анџелина Џоли и таа вели дека овој филм и` значи повеќе од кој и да било друг од нејзината кариера. Тоа го поврзува со нејзината хуманитарна работа. Иако семејството и` е на прво место, како граѓанин на светот сакала нешто да стори со својот живот.

„Сакам да бидам дел од решението“, вели Џоли.

Ако решение е свртување на вниманието кон Босна, таа веќе успева во тоа. Раскажува дека по прикажувањето на филмот и` пришле Американци кои рекле дека се срамат – не само заради неинтервенцијата, туку и заради незнаењето за регионот.

XS
SM
MD
LG