Линкови за пристапност

Напливот на уапсени британски државјани заради џихадизам во Сирија, создава загриженост за националната безбедност низ континентот.

Меѓу многуте илјади аматерски видео снимки кои се појавија од сирискиот конфликт, една предизвика растечка загриженост кај британските безбедносни служби. Тврди дека го покажува британскиот државјанин Абдул Вахид Маџин кај Алепо, во Сирија, порано месецов. Тој е опкружен со борци од исламистичката бунтовничка група Фронт на Ал Нусра – што е поврзана со ал-Каида.

Кога неговите соборци му поставуваат прашања, Маџид одговара со јасен британски акцент. Потоа се гледа како Маџид вози армиран камион полн со експлозиви до ѕидовите на затворот во Алепо.

Маџид и многу други се убиени. Сириските бунтовници јавија дека неколку затвореници избегале.

Шираз Махер е од Меѓународниот центар за студија на радикализацијата на лондонскиот Кингс Колеџ.

„Самоубиственото бомбардирање сугерира ниво на фанатизам што е без преседан. Тоа се борци, и тие се на теренот да направат две работи: едната е да го отстранат Асад, но другата е да се жртвуваат.“

Махер проценува дека има меѓу 200 и 366 британски државјани кои се борат во Сирија – повеќе отколку што отишле да се борат во Ирак или Авганистан.

Но проблемот не е ограничен на Британија. Друг самоубиствен напад во декември бил наводно изведен од Николас Бонс, француски џихадист кој се бори со групата Исламистичка група во Ирак и Левант.

Се проценува дека околу 700 француски државјани отпатувале за Сирија. Француски анти-терористички судија Марк Тревидик вели дека има потреба за поголем ангажман со муслиманските заедници дома.

„До сега, единствено се потпиравме на анти-терористичка правда, што значи само на задушување, а тоа е неуспех“, вели Тревидик.

Анти-терористички експерти велат дека социјалните медиуми дозволуваат џихадисти-аспиранти да го гледаат развојот на сирискиот конфликт во реално време, и лесно да се поврзуваат со борци на теренот за да го планираат нивното патување.
XS
SM
MD
LG