Линкови за пристапност

Дали Трамп ќе се фокусира на Балканот?

  • Јулија Велковска

„Балканот не е главно прашање на оваа, а веројатно ќе биде уште помалку важно прашање на идната администрација - за жал“, смета експертот Јануш Бугајски

Јануш Бугајски, експерт за Балканот и виш научен соработник во Центарот за анализа на европската политика се седиште во Вашингтон, смета дека изборот на Доналд Трамп за претседател значи, како што кажа, влегување во многу непредвидлива ера.

Според него, повеќето од луѓето очекувале да победи поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, „обезбедувајќи континуитет кога станува збор за надворешната политика“. „Сега“, вели Бугајски, „имаме кандидат којшто има кажано многу работи на кампањата, а ако се имплементираат, можно е да креираат големи поделби во американското општество и потенцијално да го направат светот поопасен“.

Како пример, Бугајски го наведе НАТО. „Ако Трамп е сериозен дека Алијансата е застарена организација, или дека ширењето на нуклеарното оружје не е лоша идеја, тогаш ќе се соочиме со големи проблеми. Од друга страна, често има и случаи кога кандидатот кажува едно за време на кампањата, a потоа тоа е мошне различно од она што би се имплементирало, или што кандидатот е во можност да го имплементира откако ќе ја преземе функцијата“, додаде овој експерт. „Воедно“, вели Бугајски, „многу ќе зависи од тимот советници коишто ќе бидат околу Доналд Трамп. Многу ќе зависи од какви односи ќе има во Конгресот, од консензусот што ќе може да го изгради и како потоа ќе соработува со светските лидери“.

За тоа како резултатот од изборите во САД би се одразил на Балканот, тој истакна:

„Балканот не е главно прашање за администрацијата на Обама, а веројатно ќе биде уште помалку важно прашање за администрацијата на Трамп - за жал, бидејќи сметам дека Балканот е се` поранлив, според она што го видовме во Црна Гора, Србија, Босна и Македонија. Истовремено, Русија се обидува да креира неволја, да омаловажи некои од владите во регионот и интеграцијата на овие земји во ЕУ и НАТО. Оттука, се поставува прашањето - дали администрацијата на Трамп ќе се фокусира или рефокусира на Балканот за да го направи побезбеден, или ќе го жртвува овој регион заради некој голем договор со Русија, за што некои и стравуваат? Овде, тој наведе нови сфери на интерес, нова Јалта, одреден договор во кој Русија, како што кажа, би се согласила да соработува во одредена анти-терористичка коалиција, нешто што Трамп го спомена за време на кампањата, рече тој.

Што се однесува до очекувањата кога станува збор за Македонија, Бугајски подвлече дека „идната демократски и легитимно избраната влада во оваа земја, во најмала рака, може да се обиде да внесе нова енергија во позитивните резултати на меѓународна сцена“.

„Која и да е новоизбрана влада во Македонија, ќе има можност да изврши притисок за случајот за НАТО и ЕУ, и да ја убеди американската администрација можеби да го интензивира притисокот врз Грција да престане со блокадите на напредокот на Македонија“.

XS
SM
MD
LG