Линкови за пристапност

Лекарот на Мајкл Џексон осуден за смртта на пејачот


Лекарот на Мајкл Џексон осуден за смртта на пејачот
Лекарот на Мајкл Џексон осуден за смртта на пејачот

Поротата во Лос Анџелес, во Калифорнија, го осуди д-р Конрад Мури за убиство од небрежност за смртта на поп пејачот Мајкл Џексон, во јуни 2009.

Дванаесетчлената порота донесе пресуда во понеделник по помалку од два дена расправа. Родителите на Џексон, Кетрин и Џо, и неколку други членови на семејството на пејачот, беа во судницата за пресудата. Судењето траеше неколку недели, со околу 50 сведоци повикани да сведочат. Од лицето на Мури не можеше да се прочита емоција кога ја слушна пресудата. Обожувателите на починатиот забавувач, кои чекаа на пресудата пред судската зграда, се радуваа.

Кусо време потоа, Мури со лисици беше одведен во затвор без можност да излезе со кауција, каде ќе остане до изрекување на казната на 29 ноември. Мури, кој има 58 години, изгледаше смирен кога беше изведен од судницата. Главниот судија, Мајкл Пастор, кажа дека Мури сега е осуден криминалец и дека треба да биде затворен пред да му биде изречена казната, заради јавната безбедност.

Мури беше осуден за убиство од небрежност заради давање на Џексон силен анестетик, пропофол, за да му помогне да спие и потоа не ја следел состојбата на пејачот. Обвинителите кажаа дека Мури немал опрема што можела да го спаси животот на пејачот.

Серија сведоци кажаа дека пропофол може да се даде само во сала за операција, под стриктно мониторење. Лекот не е одобрен за користење како средство за спиење.

Одбраната тврдеше дека Џексон сам земал пропофол во прекумерна доза. Адвокатите на Мури кажаа дека нема докази оти лекарот направил нешто погрешно. Мури не сведочеше.

Мури, кој е кардиолог, се соочува со казна од четири години затвор и губење на лекарска дозвола.

Педесетгодишниот Џексон умре на 25 јуни 2009, во Лос Анџелес. Во деновите пред смртта, Џексон, кој беше познат како „Крал на поп музиката“ се подготвуваше за серија камбек концерти.

Одвоено од кривичната постапка, таткото на Џексон поднесе тужба против Мури за лажење на лекарите и медицинскиот персонал кои се обиделе да го спасат животот на пејачот.

XS
SM
MD
LG