Линкови за пристапност

Иванов: Протести се дозволени, но насилство не се толерира


Македонскиот државен врв и партиите од етнички албанскиот блок упатија порака до граѓаните.

„Протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Во државата има институции кои функционираат и се справуват со предизвиците. Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Оној кој се сомнева во каква било дејност или активности на одредена институција може тоа преку инситуционален пат да го оствари, а тоа се однесува и на пресудата за случајот „Монструм“, изјави претседателот на Македонија Ѓорге Иванов во Охрид.

Тој истакна дека постојано е во контакт и во координација со сите надлежни институции за сите активности што се преземаат во врска со актуелната ситуација, и дека службите одговорно ја вршат работата и ги доставуваат анализите за што, како што рече, јавноста навремено ќе била известена.

„Мора да оставиме судовите тоа да го сработат, и по случајот да се произнесе и Апелација. Секој кој може со сознанија да придонесе за расчистување на случајот или да влијае врз пресудата доколку нешто е противправно, може да го направи тоа, но насилството како начин за остварување одредени цели секој пат се осудува, истакна претседателот Иванов.

Тој ја коментираше и реакцијата на одредени политички кругови во Тирана и Приштина во врска со пресудата за случајот „Монструм“, истакнувајќи дека е потребно „претходно да се имаат сите сознанија, па да се даваат какви било реакции“.

И премиерот Никола Груевски со идентичен став. Одговарајќи на новинарско прашање, тој истакна дека институциите нема да толерираат никаков акт на насилство.

„Протестите се демократска придобивка и секогаш кога некој има потреба да протестира, јас тоа го поддржувам. Честопати многу луѓе и групации од различни протести придонеле за развој на некои процеси во општеството, меѓутоа не можам да поддржам, а и никој во државата и надвор од неа, не поддржува насилство“, изјави Груевски, додавајќи дека „институциите имаат капацитет да се справат во секакви ситуации и да ги заштитат интересите на граѓаните и државата“.

Повикот за воздржување од насилства при изразувањето на граѓанското незадоволство, ги обедини двете најголеми партии во албанската етничка заедница во Македонија. Владејачката ДУИ преку соопштение ги повика граѓаните „да протестираат и да ги искажат своите ставови мирно, но не и да се вклучуваат во деструктивни и насилни акти“, притоа упатувајќи и повик до надлежните институции „да се справат со овој судски случај, почитувајќи ги целосно сите меѓународните стандарди“, се наведува во соопштението од оваа партија.

„Имајќи ги предвид унифицираните апели на меѓународната заедница во земјата, ги повикуваме сите граѓани да бидат смирени и да се воздржат од акти на насилство. Сите граѓани имаат право да протестираат и да ги изразат своите ставови мирно, но не и да се вклучат во насилни или деструктивни дејствија“, реагираат и од ДПА, кои исто така во соопштението бараат од надлежните институции да се справат со овој судски случај почитувајќи ги целосно меѓународните стандарди.

Повик за воздржаност од насилства денеска стигна и од Брисел. Портпаролот на Европската комисија во изјава за Македонската државна агенција МИА, ги повика македонските граѓани и политичките лидери во земјата „да се здружат во духот на конструктивен дијалог за решавање на прашањата кои го поткопуваат заемното разбирање и кооперативни меѓуетнички односи“.

„Сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и правото да се вклучат во деструктивни или насилни акти“, вели Маја Коцијанчич, додавајќи дека „ова е можност за лидерите да застанат зад интегрираната земја што целосно ги почитува своите различности“.

XS
SM
MD
LG