Линкови за пристапност

Иванов предизвика дипломатска „престрелка“

  • Синиша Станковиќ

Реакција на амбасадорката Алтхаузер, по тврдењето на претседателот на Македонија дека германската амбасада во Скопје ја дезинформира Владата во Берлин

„Германија е голем пријател на Македонија и стоиме подготвено да продолжиме во нашата поддршка“, изјави денеска германската амбасадорка во Македонија Кристине Алтхаузер, по синоќешниот настап на претседателот Ѓорге Иванов, кога тој изнесе обвинување дека амбасадорката пренесувала невистинити информации од Македонија до германското МНР и дека „таквото ниво на дипломати е навреда за нашата земја“

„Лично имам одлични професионални односи со претседателот, како и со другите политичари од оваа земја. Мојата работа во Берлин е високо ценета од министерот за надворешни работи и од канцеларката и во постојан контакт сум со властите во Берлин“, изјави Алтхаузер, одговарајќи на новинарско прашање на конференцијата за соработка меѓу Вишеградската група и земјите од Западен Балкан.

Но, во изјава за агенцијата Макфакс, амбасадорката поостро го прокоментира обвинувањето на Иванов: „Колку поголем непријател, толку поголема чест за мене!".

По повод настапот на Иванов, во кој тој изнесе тврдење дека е дезинформирана Владата во Берлин од амбасадата во Скопје, се огласи со изјава и Министерството за надворешни работи на Германија според чие соопштение, „обвинувањата против германските дипломати и дипломати на други пријателски држави се неумесни... Познато е дека оценките кои се доставуваат во земјата-домаќин, секогаш се прават во тесна соработка меѓу Министерството за надворешни работи и самата Амбасада“.

Откако вчера му го додели мандатот за состав на новата влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој успеа да обезбеди парламентарно мнозинство и даде гаранции дека ќе се залага за зачувување на унитарноста на Македонија, претседателот Иванов, во ТВ настап изјави дека загрижува квалитетот на дел од дипломатите во Република Македонија, како и дека германската амбасадорка во Скопје „се служела со лажни вести“.

„И не е првпат, и за бегалската криза имавме иста ситуација, па канцеларката Меркел мораше јавно да се извинува во Брисел за неточните податоци кои ги добивала од нивната амбасада тука. Апелирам до Германија дека вакво ниво на дипломати е навреда за нашата земја. Недозволиво е на лажни информации да темелат соопштение... Како порано да го дадам мандатот? Со кршење на Уставот?“, рече вчера Иванов.

Претходно, германското МНР во изјава изрази задоволство од доделувањето на мандатот и од тоа што Иванов „по долго размислување, донесе вистинска одлука и се откажа од блокадата“, но потенцираше и дека „оваа одлука требаше одамна да се случи и конечно, го рефлектира исходот од изборите во декември 2016-та во земјата“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG