Линкови за пристапност

Франција ќе затвори амбасади


Уредникот на магазинот Чарли Хебдо со насловната страница на магазинот.

Уредникот на магазинот Чарли Хебдо со насловната страница на магазинот.

Мерка на претпазливост откако магазин објави карикатури на пророкот Мухамед.

Франција планира да затвори амбасади, конзулати, културни центри и училишта во 20 земји како мерка на претпазливост откако сатиричен француски магазин објави карикатури на пророкот Мухамед.

Полицаец ја обезбедува зградата на магазинот

Полицаец ја обезбедува зградата на магазинот

Министерот за надворешни работи Лоран Фабиус соопшти дека е зголемено нивото на безбедност во француските дипломатски претставништва, во време кога владини и верски водачи повикуваат на воздржаност.

Неделниот магазин Чарли Хебдо овојпат објави неколку карикатури на Мухамед, од кои на некои е прикажан гол. Минатата година, откако исто така објави карикатури на пророкот, неговите канцеларии беа нападнати со Молотови коктели.

Белата куќа денес покрена прашање за „расудувањето што стои зад одлуката“ да се објават карикатурите, иако подвлече дека не го доведува во прашање правото на магазинот да го стори тоа. Портпаролот Џеј Карни кажа дека карикатурите ќе бидат длабоко навредливи, но повтори дека навредата „на ниту еден начин не е оправдание за насилство“.

Францускиот премиер Жан-Марк Еро, пак, најави дека ќе биде одбиено барањето за организирање на протест во сабота во Париз против филмот направен во САД, а во кој пророкот Мухамед се портретира како измамник, женкар и напасник на деца.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон соопшти дека САД преземаат агресивни мерки за заштита на своите дипломати додека продолжуваат протестите против филмот.

Поради протестите денеска привремено затвори американскиот конзулат во индонезискиот град Медан. Протести денеска имаше и во пакистанскиот главен град Исламабад, како и во Џалалабад во источен Авганистан.
XS
SM
MD
LG