Линкови за пристапност

Дали во основата на проблемот е религијата? Преобмислување на причините за радикализацијата.

По само неколку дена од најлошото масовно убиство во американската историја, ова се фактите кои засега се познати за напаѓачот: искажал омраза кон ЛГБТ заедницата, неговата поранешна сопруга го обвинува дека ја малтретирал, порано тврдел дека има врска со Ал-Каида, за што бил испрашуван најмалку два пати од страна ФБИ.

Омар Матин исто така беше муслиман, татко, доаѓа од средна класа, син на авганистански имигранти, работел како обезбедување и имал дозвола за поседување огнено оружје.

Прашањето кое многумина си го поставуваат е, кои од горенаведените фактори биле клучни Матин да отиде сам во ноќниот клуб во Орландо, Флорида, и да застрела 49 луѓе.

Река од информации по нападот

Во неупадливата канцеларија, во трговскиот центар во близина на кампусот на Универзитетот Џорџ Вашингтон, во главниот град на САД, истражувачите ги следат твитовите на поддржувачите на Исламската држава од англиско говорно подрачје. Центарот за кибернетска и домашна безбедност, е еден од многуте организации ширум САД, кои го истражуваат екстремизмот.

„Навистина по нападот доаѓаат голем број на информации“ вели истражувачката Одри Александер. Александер и нејзините колеги следат повеќе од 1.700 профили на англиски јазик, а 300 од нив се од САД.

Зошто некои Aмериканци имаат симпатии кон Исламската држава, е далеку од јасно. Сите експерти со кои разговараше Гласот на Америка, се согласуваат дека нема заеднички профил. Од вкупно 56 апсења минатата година, 86 проценти од нив биле мажи, а мнозинството биле американски државјани или имале постојано жителство во САД, како и не се на возраст од 15 до 47 години.

Неуспешен живот

Иако нема заеднички профил, има заеднички особини, велат аналитичарите.

„Личност која е ранлива, и не е на вистинскиот пат - тоа е промашен живот на некој начин“, вели Ен Спекхарт, психолог и директор на Меѓународниот центар за изучување на екстремизмот во Вашингтон.

Во оваа рана фаза на истражување, властите се обидуваат да дознаат до кое ниво Матин бил изложен на влијание од мрежата и од идеологијата на Исламската држава. Сепак, постојат докази дека тој бил личност, кој не бил на „вистинскиот пат“.

Во интервју, неговата прва жена (тој бил женет два пати), вели дека го напуштила оти тој ја малтретирал и бил насилен кон неа.

Религијата не е примарен фактор

Спекхарт вели дека иако религијата често е компонента во екстремизмот, многу ретко таа е доминантен фактор. Таа вели дека многу често приклучувањето на екстремистичките групи, или активно промовирање на екстремизмот на социјалните мрежи, на поединци им дава смисла во приватниот живот.

Поддржувачите на Исламската држава не започнуваат секогаш како муслимани. Од сегашните 3.3 милиони муслимани во САД, околу 24 проценти се лица кои преминале во Ислам. Меѓу уапсените за поврзаност со Исламската држава, околу 40 проценти се оние кои ја промениле верата.

Нефункционални семејства

Друга заедничка особина кај лицата кои потклекнуваат на радикализмот, е нефункционалните семејства.

Мохамед Квеис, роден Американец, син на палестински имигранти, беше заробен од курдските сили во Ирак, по приклучувањето кон Исламската држава.

„Имам информации дека неговиот татко имал проблем со алкохолот, замислете случај во кој муслиман е растен од татко кој пие. Тоа е вознемирувачки“, вели Спекхарт, и додава дека проблемот со татко алкохоличар се среќава многу често кај случаите на радикализацијата.

Овие случаи, и податоците од истражувањата го отсликуваат екстремизмот во Америка, и се вистински предизвик за една од главните теми кога се зборува за тероризмот денеска: дека во суштината на проблемот е Исламот како религија. Исто така, тоа му пркоси на дефинирањето на насилниот екстремизам, кој е објаснет само преку религиозната терминологија. Тука се поставува и прашањето дали САД ги распоредуваат ресурсите за да му се спротивстават на проблемот на најефикасен можен начин?

XS
SM
MD
LG