Линкови за пристапност

ИРИ: Загрижени сме од можно купување гласови и заплашување


Заменик-директорот за Европа Пол Мекарти порача граѓаните да пријавуваат евентуални притисоци, за да може да се зголеми довербата во изборниот процес

Загрижени сме дека вработените во државните институции се соочуваат со наводни закани дека ќе бидат отпуштени од работа ако не гласаат на изборите, вели Пол Мекарти, заменик-регионален директор за Европа во Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Вашингтон.

„И Европската комисија изрази загриженост дека државните работници се соочуваат со притисок да бидат настрана од опозицијата. Но, она што нам најмногу не загрижува се забелешките дека тие се под закана и дека ќе бидат деградирани. За нив е особено тешко да го избегнат притисокот“, вели Мекарти.

Покрај партиско влијание, Мекарти вели дека постои загриженост и од купување гласови и страв и заплашување на граѓаните да го пополнат гласачкото ливче.

„Нашата последна анкета покажа дека 28 проценти од Македонците чувстувале оти нивниот глас не е таен. Не се мнозинство, но сериозно е што една третина од народот мисли така“, вели тој.

Тој порача граѓаните да пријавуваат евентуални притисоци, за да може да се зголеми довербата во изборниот процес.

Според него, особено важно пред изборите е граѓаните да направат разлика меѓу програмите на политичките партии и да знаат за што се залагаат кандидатите.

„Важно е да бидат информирани и за тоа како и каде да гласаат, да знаат во какви случаи гласот нема да им се брои, како и да имаат можност претходно да видат примерок од гласачкото ливче, за да знаат што може да очекуваат кога ќе застанат зад параванот“, објаснува Мекарти.

Нагласува дека граѓанското општество, таканаречениот трет најважен сектор покрај владата и бизнисот, треба да биде одвоено од политиката што е можно повеќе.

На политичарите, пак, им порача да се обратат до колку е можно поширок круг гласачи, особено до различните етнички групи.

„На пример, македонските партии треба да привлечат албански гласачи и, што е најважно, да нема насилство на изборниот ден“, смета тој.

Мекарти повика на поддршка на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, на работата на Државната изборна комисија, како и на исполнување на реформите во медиумите.

Меѓународниот републикански институт очекува на претстојните изборите да гласа околу 60 проценти од населението, иако последната анкета од април покажа дека две третини од граѓаните не веруваат во веродостојноста на изборниот процес.

ИРИ подготвува нова анкета, која се очекува да биде објавена на крајот на месецот.

XS
SM
MD
LG