Линкови за пристапност

Трговија со човечки органи во Ирак


Има наводи дека Исламската држава може вака да ја финансира својата терористичка кампања, но тоа е тешко да се докаже.

На брифинг пред Советот за безбедност на ОН, ирачкиот амбасадор Мохамед Али Алхаким кажа дека Исламската држава изведува најсериозни злосторства против ирачкиот народ од сите етнички и верски потекла.

„Ова се, всушност, злосторства против човештвото и за тоа мора да се одговара пред меѓународната правда“.

Многу од злосторствата на ИД се добро документирани, честопати и од страна на самата организација.

Во најнови, шокантни наводи, Алхаким вели дека има извештаи за инволвираност на милитантите на ИД во шверц со човечки органи.

Амбасадорот на Ирак пред новинарите изјави дека изминативе недели владата открила докази за можен шверц на човечки органи, во масовни гробници, секоја со по 10, 20 тела.

„Кога ќе откриеме масовни гробници, ги анализираме телата. Некои од овие лица се погодени од куршуми, некои се убиени со нож. Но, откривме и дека од задниот дел на телото недостасуваат делови, органи, како бубрези“, вели тој.

Алхаким додаде дека Исламската држава има пристап до аеродромите во Мосул и сирискиот град Алепо, од каде може да ги транспортира органите до посредници и купувачи.

Ирачкиот амбасадор кажа и дека изминативе неколку недели милитантите на Исламската држава погубиле најмалку десетина лекари во Мосул, бидејќи одбиле да ги отстранат органите од телата на жртвите.

Главниот пратеник на ОН во Ирак, Николај Младенов, изјави дека неговата канцеларија ги разгледала извештаите за трговија со органи, но дека не може да ги потврди без натамошна истрага.

А ваквите извештаи е тешко да се потврдат, зашто третина од ирачката територија е во раците на милитантите.

Слични тврдења имаше и пред пет години, поврзани со можен шверц на органи за време на војната на Балканот во 90-те. Според тогашните наводи, Косовската ослободителна армија раководела со притворни центри долж границата на Косово со Албанија. Жртвите, меѓу кои и Срби, биле убивани, а потоа нивните органи продавани на црниот пазар. Ваквите тврдења не беа никогаш потврдени.

XS
SM
MD
LG