Линкови за пристапност

Катар и Кувајт го фалат договорот со Иран


Претседателот на САД го уверува Израел дека нуклеарниот пакт од Женева ќе го направи регионот побезбеден.

Катар и Кувајт се приклучија на државите кои го фалат нуклеарниот договор постигнат меѓу Иран и група светски сили, додека Израел го критикува пактот.

Договорот постигнат во Женева рано во неделата повикува Иран да го ограничи збогатувањето на ураниумот и да ја замрзне изградбата на реактор. Во замена за тоа, петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија се согласија да олеснат некои од меѓународните санкции спрема иранската економија.

Катарскиот министер за надворешни работи го поздрави договорот во соопштение од доцна во неделата, карактеризирајќи го како чекор кон обезбедување мир и безбедност во регионот. Катар исто така повика Блискиот исток да се направи „зона без нуклеарно оружје“.

Кувајт исто така го поздрави договорот. Потсекретарот за надворешни работи Калед Ал-Џарала за државната новинска агенција КУНА кажа дека се надева оти тоа ќе води кон траен договор за намалување на тензиите и обезбедување на регионална сигурност.

Владетелите на Катар, Кувајт и Саудиска Арабија, сите сунитски арапски нации, се сретнаа во саботата додека Иран и светските сили го финализираа договорот.

Саудиските претставници не коментираа до рано во понеделникот. Во минатото, сунитските арапски лидери од Заливот изразуваа загриженост за тоа што го гледаат како кампања од шиитскиот Иран за зголемување на своето влијание во регионот.

Израел и Саудиска Арабија долго се плашат дека Иран ќе ги пренасочи своите активности за збогатување за да направи атомско оружје што може да ги загрози нивните интереси. Иран вели дека нивната нуклеарна програма е мирољубива.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека договорот од Женева е „историска грешка“. Израел сака санкции спрема Иран и комплетно разградување на нивните нуклеарни објекти.

Американскиот претседател Барак Обама понуди разубедување доцна во саботата, велејќи дека определбата на Вашингтон спрема Израел и на нивните партнери во Заливот „останува цврста“. Тој исто така кажа дека овие нации имаат „добра причина да бидат скептични за иранските намери“.

Две други држави од Заливот изразија претпазливо поздравување на договорот од Женева. Обединетите Арапски Емирати изразија надеж дека ова ќе води кон постојан договор што ќе ја заштити стабилноста во регионот и ќе оневозможи нуклеарна пролиферација. Бахраин кажа дека се надева ова да го елиминира „стравот“ во регионот.

Договорот исто така доби пофалби од израелскиот сосед Ирак и главниот регионален сојузник Сирија, две арапски нации кои не се раководени од Сунити.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун го поздрави договорот од Женева и ги поттикна инволвираните влади да „сторат се` што е можно да надоградат на охрабрувачкиот почеток.“
XS
SM
MD
LG