Линкови за пристапност

Зариф се врати во Виена


Палатата Кобург во Виена, каде што се одржуваат преговорите за иранската нуклеарна програма
Палатата Кобург во Виена, каде што се одржуваат преговорите за иранската нуклеарна програма

По куса консултација во Техеран; преговорите за иранската нуклеарна програма продолжуваат и покрај истекот на самопоставениот рок за договор

Иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф денес се врати во Виена на преговорите за иранската нуклеарна програма, на денот кога истекува самопоставениот рок за постигнување на спогодба.

По кусата консултација во Техеран, Зариф пристигна во Виена заедно со директорот на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи, којшто закрепнува по заболување. Зариф потоа се сретна со американскиот државен секретар Џон Кери.

Преговори и по истекот на рокот: американскиот државен секретар Кери и иранскиот министер за надворешни работи Зариф на денешната средба во Виена
Преговори и по истекот на рокот: американскиот државен секретар Кери и иранскиот министер за надворешни работи Зариф на денешната средба во Виена

„Имавме добар разговор“, кусо коментираше Кери по средбата.

Според иранските државни медиуми, Зариф рекол дека фактот дека Салехи се приклучил на разговорите, и покрај здравствените проблеми, говори за иранската сериозност во однос на преговорите. Тој кажал и дека е потребна „политичка решеност“ на светските сили вклучени во преговорите, за постигнување на „прифатливо и одржливо решение“.

Денес истекува рокот за договор. Иран од една, и петте постојани члнеки на Советот за безбедност на ОН плус Германија (П5 + 1) од друга страна веќе подолго време се обидуваат да постигнат спогодба што ќе ја ограничи способноста на Техеран да произведе нуклеарно оружје, во замена за олеснување на меѓународните санкции. Преговарачите сега предвидуваат дека дискусијата ќе продолжи и по истекот на рокот и дека преговорите би траеле уште неколку дена.

Виш американски владин претставник на синоќешен брифинг ја потенцираше важноста на преговорите: „Ова е исклучително важно за националната безбедност на САД, за националната безбедност на сите партнери од П5 + 1, за регионите, Блискиот Исток, светот и за Иран“.

Кери денес има средба и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Преговарачите не откриваат детали, но се верува дека каменот на сопнување е пристапот на инспекторите на ОН до иранските нуклеарни постројки и темпото на кревање на санкциите против Иран.

„Тешкотијата при преговори од ваков вид и на ова ниво е да се задржи фокусираноста на примарното прашање“, коментира Џејмс Картрајт, аналитичар на нуклеарната политика од Центарот за стратешки и меѓународни студии.

„Според мене, фокусот на примарното прашање е способноста да прекине процесот на збогатување на ураниум и плутониум, на ниво коешто овозможува изработка на оружје“, вели Картрајт.

XS
SM
MD
LG