Линкови за пристапност

Нетанјаху: Израел нема да го нападне Иран наредните денови или недели


Земјата поакутно од САД ја чувствува нуклеарната закана од Техеран, кажа израелскиот премиер по враќањето од Вашингтон.

Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху вели дека ќе почека меѓународните санкции против Иран да дадат резултат и не планира напад на иранските нуклеарни капацитети во наредните денови или недели.

Во синоќешното обраќање на израелската телевизија, Нетанјаху кажа дека претпочита мирно решавање на ситуацијата, но и дека неговата земја нема да дозволи Иран да дојде до нуклеарно оружје. Премиерот коментираше само еден ден по посетата на Вашингтон, на која потенцираше дека Израел не може да си дозволи да чека многу повеќе дипломатијата и санкциите да ја спречат иранската нуклеарна програма.

Нетанјаху вчера призна дека постојат, како што рече, фундаментални разлики меѓу американскиот и израелскиот приод кон Иран и дека Израел поакутно од САД ја чувствува иранската нуклеарна закана.

„Американската сатница за спречување на Иран да стане нуклеарна закана не е иста со израелската. Израелската, разбирливо, е со различен распоред. Би бил среќен доколку успее меѓународниот обид и Иран доброволно се разоружа“, рече Нетанјаху.

Претседателот Барак Обама за време на посетата на Нетанјаху на Вашингтон го повика израелскиот државник да почека дипломатијата и сакциите да остварат ефект, но и го повтори ставот дека САД не исклучиле ниту една опција во спречувањето на Иран да дојде до нуклеарно оружје.

Иран негира дека се обидува да создаде такво оружје и тврди дека нуклеарната програма е исклучиво за енергетски потреби и медицински истражувања.

XS
SM
MD
LG