Линкови за пристапност

Македонија се соочува со тешка економска ситуација

  • Борјан Јовановски

Интервју со Мендерес Кучи, претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Изградбата на автопат, модернизација на пруга, вложување во хидроелектрична централа, гасификација и расчистување на долговите на државата по основа на поврат на ДДВ кон компаниите до февруари наредната година - ова се ветувања што деновиве ги даде премиерот Никола Груевски пред бизнисмените, одговарајќи за нивните барања да преземе мерки за излез од кризата и превенција од нови последици од глобалната криза.

Најгласни во барањата беа од Стопанската комора на северозападна Македонија, на чело со нејзиниот претседател Мендерес Кучи. Во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, тој ја поздрави изјавата на премиерот, потенцирајќи дека очекува ветувањата да бидат реализирани.

Според Кучи, Македонија се соочува со тешка економска криза, а домашните комапнии со големи проблеми.

„Главната причина поради која нашите членки се доведени до оваа ситуација е ликвидноста. Ликвидноста е одраз на големите задолжувања по сите можни основи. Компаниите не се толку моќни за да издржат и по неколку месеци, па дури и години неплаќање на обврските, а притоа од нив чекамe тие дa сe креатори на нови работни места, да поттикнат економски раст. Како пример, ќе ги наведам шпекулациите за обврските на државата само по основ на поврат на ДДВ. Тие се со неколкумесечни задоцнувања“, вели Кучи за Гласот на Америка.

Анализите на оваа бизнис-асоцијација покажуваат дека компаниите имаат се` помалку пари и се соочуваат со пад во продажбата, а со тоа и на производството.

На прашањето кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат компаниите, Кучи елаборира: “Најголем проблем во домашната економија е што компаниите немаат пари. Трошат многу повеќе отколку што заработуваат, се соочуваат со пад на продажбата, а оптоварени се со многу давачки. Огромна неликвидност и неможност да се наплати сработеното, намалена побарувачка на домашниот пазар и на нарачките од странство се најголемите проблеми со кои се соочуваат компаниите. Главната вина за слабата ликвидност на компаниите е во кредитната политика на банките. Суштинскиот проблем на домашните компании е тешкиот пристап до капитал и слабата поддршка од банките за побрз економски развој”.

Кучи смета дека Македонија треба да се подготви и за нови удари од глобалната криза. Затоа, препорачува Владата да вложува во нова инфраструктура.

“Владата треба да креира нови вредности и нова инфрастуктура, темел за иднината, бидејќи ефектот од кризата нема да заврши денес. Секоја инвестиција фокусирана далеку од актуелниот проблем е штетна и треба добро да се размисли каде и како ќе се инвестира”, изјави Кучи.

Поради неповолната ситуација во која се наоѓа стопанството, Комората на северозападна Македонија бара конретни мерки.

„Нашите барања се насочени кон се` што значи влез на свеж капитал во стопанството, односно решавање на општата беспарица. Предлагаме брзо враќање и поголема ефикасност на ДДВ-то од страна на владините институции. Предлагаме времето на враќање на ДДВ-то да не биде повеќе од 24 часа, како и да се разгледа можноста за враќање на ДДВ-то со пребивање. Итно враќање на државниот долг кон компаниите во име на извршени услуги и работи. Ова да се направи преку преземање на долгот од страна на комерцијалните банки кон компаниите. Како подмирувачи на долговите да се појават банките, а државата во име на државни записи или било кој друг начин да даде гаранција за вратениот долг”, наведува Кучи во интервјуто за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцирајќи дека дел од нивните барања се прифатени од премиерот и дека очекуваат во најблиска иднина да бидат и применети.
XS
SM
MD
LG