Линкови за пристапност

Груевски го критикуваше НАТО за односот кон Македонија

  • Синиша Станковиќ
  • за Скопје

Во интервјуто за МИА наведува дека и претседателот на САД е свесен за тоа, но има причини заради кои не се изјаснува.

„Јас длабоко верувам и сигурен сум дека и самиот Барак Обама длабоко во себе е свесен за неправдата која Грција ја прави кон нас, и сигурно се чуди на нејзината политика, но очигледно, во овој момент има други причини заради кои не може ова да го каже“, изјави во неделата, кога започна Самитот на НАТО во Чикаго, македонскиот премиер Никола Груевски во интервјуто за Македонската информативна агенција.

Според премиерот, Македонија неправедно нема да добие покана за прием во Алијансата, иако според сите морални принципи и достигнувања ја заслужува, а меѓународното право се спроведува селективно, за што македонскиот пример е еден од најеклатантните.

„Главниот виновник за нашето невлегување во НАТО има свое име, и се вика Грција. Недвосмислено, тоа е земја која во последните две децении со сите сили го кочи нашиот развој и напредок, вложува огромни ресурси во тоа, троши огромен политички кредит, и прашањето со нас го користи, пред се, во внатрешно-политички цели и популистичка пропаганда. Се` со единствена цел, да се смени името на државата, името на нашиот народ, името на нашиот јазик, и севкупно нашиот идентитет. Додека го замајуваа народот во Грција со покажување на мускули кон нас, со загорчување на иднината на два милиона народ, кои се, пред се, луѓе, а потоа и соседи, еве на очиглед на цел свет гледаме што правеле зад сцената, и во каква ситуација ја донеле својата земја“, вели премиерот.

Во интервјуто дадено по враќањето од посетата на Кина, Груевски вели дека иако тој не отпатувал во Чикаго, Македонија ќе биде високо претставена на Самитот на НАТО.

„Повисоко отколку што според мене е нормално, во едни вакви околности, кога на некоја земја и се прави таква неправда, една таква непринципиелност и очигледна политика на двоен стандард, и згора на се, истовремено и се кажува дека треба да се чуствува виновна заради тоа, и да има разбирање кон оној кој ја прави неправдата и да глуми одговорност и достоинство. Внимавајте, ве молам, а не говорат за нивната одговорност и достоинство? Затоа што ова веќе не е само проблем на Македонија, очигледно е проблем и на Алијансата и тоа многу поголем отколку само формален. Ова е суштински проблем, од политичка, морална и меѓународноправна природа, во смисла владеење на право, и НАТО нема одговор за ова. Оттука, не е ова прашање само на Македонија и Грција, туку веќе е прашање и на НАТО“, изјави Груевски.

Затоа, според премиерот, Македонија можеби требало да биде претставена на Самитот на пониско дипломатско ниво, односно, наместо преку претседателот на државата и шефот на дипломатијата, да беше претставена преку заменик-министерот за надворешни работи, „ќе беше реално наше присуство, наспроти очигледната незаинтересираност на најмоќните земји на НАТО кон Македонија, и очигледната нивна заинтересираност по секоја цена да и бидат на услуга на Грција, превземајќи товар, ако воопшто го чуствуваат како товар, на крајно непринципиелно и некоректно однесување кон земја за чие членство ја малтретираат со години, а секогаш ја канат кога им треба, дали тоа е во моменти кога им треба за логистичка база како што беше при интервенцијата во 1999 година кон Србија, или кога требаше да бидеме во Авганистан, во Ирак, и други настани каде им требаат сојузници, им треба нашата војска, нашето присуство, нашето знаме, нашата решителност“, беше дециден Груевски.

Македонскиот премиер истакнува дека Македонија е доведена во ситуација „неправдата да и` биде нормална работа во моралните вредности, а непочитувањето на меѓународното право од страна на помоќниот, нешто што се нарекува политичка реалност. И дека треба да научиме да бидеме онеправдани бидејќи сме помали и помалку моќни. Наместо ние да сме лути, тие нам ни се лутат зошто воопшто се лутиме на неправда, која доаѓа од големите сили“.

Заблагодарувајќи им се на државите и политичарите кои искрено и недвосмислено ја поддржуваат Македонија, Груевски, ги обвини оние кои поинаку настапуваат: „Знам дека некои политичари и дипломати не ги засега што непринципиелно делуваат, бидејќи сметаат дека се доволно силни за да го прават тоа и никој ништо да не им може. Но, има едно правило што секогаш кога некој во континуитет непринципиелно се однесува, со тек на време сите негови сојузници, пријатели и соработници ќе ја загубат довербата во него“.

Груевски е дециден дека „каков и да е заклучокот (на Самитот – н.з). освен покана за членство нема со ништо реално да ја смени ситуацијата. Па, потоа, ние треба тука да се радуваме и со недели да го дебатираме заклучокот, и на крај да заклучиме дека Америка, Германија, Франција и други ни се големи пријатели, и да сме многу среќни, и уште да се чуствуваме должници за тоа“.

Иако овие држави ги смета за пријатели на Македонија, Груевски потенцира дека тие се поголеми пријатели на Грција. „Никаде во актите на НАТО не пишува дека сите земји треба да се солидарни со една земја членка ако крши меѓународно право, ако нанесува неправда на друга земја. Тоа не е солидарност. Зборот солидарност се користи за други прашања. На пример, ако една земја е нападната од надвор, тогаш сите се вклучуваат во нејзината одбрана. И видете, не сакам сега сето ова да изгледа како јас да држам предавања на големите сили или да звучам патетично. Не. Јас сум должен пред својот народ да ја кажам вистината. И вистината е буквално ваква“, изјави премиерот.

Според Груевски, Македонија ќе продолжи со реформите и со конструктивното и принципиелно однесување. „Ние не само што нема да застанеме со реформите, кои пред се, се важни за нас самите и нашиот народ, туку ќе продолжиме и со активни разговори за барање решение, и се разбира, во еден таков амбиент ќе ја чекаме нашата историска шанса. И ќе ја искористиме“.

Груевски им одговори и на домашните критичари кои сметаат дека и Македонија со одделни постапки ја иритирала Грција. „Тоа е комплетно извртување на тезите. И не знам дали некој очекува да се смееме, да се радуваме и да ги поздравуваме нивните чекори? Воопшто не размислувам дали ги иритирам, се додека тие ни го прават ова што ни го прават. Нема поголемо иритирање од 20-годишно блокирање, кочење, негирање, омаловажување, правење огромни финансиски штети на народот и на оваа држава, па дури и тензии. Тоа, всушност, не е иритирање, туку злосторство врз еден народ и една држава. Се` додека врз нас се прави ова злосторство, нека не очекуваат ние да размислуваме дали нешто ќе ги нервира на дневна основа. Ова што вие го наведовте како иритирање, е ништо во споредба со теророт од страна на Грција кон Македонија, пред очите на целиот демократски свет. Она што ние го бараме е само правда за да го добиеме тоа што сме го заслужиле. Ниту имаме некакви претензии, ниту нешто некому лошо посакуваме, сакаме само стабилност, напредок и членство во ЕУ и НАТО“, рече премиерот Груевски во интервјуто за МИА.

XS
SM
MD
LG