Линкови за пристапност

Решение е можно само ако една од двете политики се откаже од митот за Александар


Интервју со Денко Малески, професор по меѓународно право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и првиот министер за надоворешни работи на Република Македонија.

Глас на Америка на македонски: Дали заложбата на генералниот секретар на ОН лично да се ангажира во надминувањето на спорот со Грција ќе донесе нов квалитет и динамика во целиот процес?

Денко Малески: Дефиницијата на ОН како најголем светски дипломатски форум ја определува и позицијата на нејзиниот генерален секретар. Тој, имено, претседава со овој дипломатски форум во обид да ги помири интересите на државите. Значи, наспроти нашето убедување дека ОН се нешто како светска влада, а генералниот секретар нешто како премиер, реалноста е многу поинаква. Заложбите на генералниот секретар се важни, но како човек одговорен за целиот свет нема да може, ниту пак неговиот личен интерес го тера во таа насока да вложи таква енергија која би можела да внесе нов квалитет и динамика во процесот на преговори мегу Грција и Македонија.

Заложбите на генералниот секретар (на ОН, н.з.) се важни, но како човек одговорен за целиот свет нема да може, ниту пак неговиот личен интерес го тера во таа насока да вложи таква енергија која би можела да внесе нов квалитет и динамика во процесот на преговори мегу Грција и Македонија.
Глас на Америка на македонски: Кои се ингеренциите на генералниот секретар на ОН во насока на реализирање на пресудата од Хаг во однос на НАТО и ЕУ?

Денко Малески: Пресудата во Хаг ги обврзува двете страни да бараат дипломатско решение во рамките на ОН, осудувајки го кршењето на времената спогодба од страна на Грција. Значи,пресудата не измени ништо битно во првобитниот став на организацијата дека проблемот не е правен, туку е политички, и дека неговото решение не може да биде пресуда, туку взаемно прифатлив компромис. Оттаму, генералниот секретар ќе ја гледа големата слика и ќе се залага за дипломатско решение на спорот, а пресудата од Хаг ќе ја земе во предвид само во мерка во која придонесува кон ваквата завршница.

Глас на Америка на македонски: Каква е вашата оценка за неодамнешната посета на генералниот секретар на регионот? Зошто токму во тој момент?

Пресудата (на Меѓуанродниот суд на правдата, н.з.) не измени ништо битно во првобитниот став на организацијата дека проблемот не е правен, туку е политички, и дека неговото решение не може да биде пресуда, туку взаемно прифатлив компромис.
Денко Малески: Не знам. Можеби е на турнеја за втор мандат на чело на ОН, а во јавноста се создава перцепција дека тој ќе го реши нашиот проблем затоа што, како што изјави самиот тој, сликата од македонскиот сликар Ташковски на влезот од неговиот кабинет го потсетувала на Македонија. Во секој случај, добро е генералниот секретар да се запознае лично со ситуацијата на Балканот и со политичарите кои се одговорни за иднината на регионот.

Глас на Америка на македонски: Нимиц доби уверување од двете страни дека имаат волја за надминување на спорот. Очекувате ли целиот процес да се помрдне од мртвата точка?

Денко Малески: Двете страни изразуваат волја за решение, но нивните позиции се толку идентични што решение не може да има. Ние, имено, се расправаме за културното наследство на античките Македонци. Во поткрепа на тезата дека ние сме потомци на Александар, македонската политика повлече такви потези во домашната политика ,од конструкција на грамадни споменици до катадневни образовни емисии во духот на величање на античкото минато, што главиот проблем не е како со Грците, туку како со домашната јавност. Оттаму, компромис не може да има, а решение е можно само ако една од двете политики капитулира, откажувајќи се од митот за Александар Македонски. Бидејќи политичката и интелектуална елита која го заговара овој концепт никогаш нема да се откаже од реченото, останува да пресудат неизвесните реални политички процеси во земјата и светот.

Компромис не може да има, а решение е можно само ако една од двете политики капитулира, откажувајќи се од митот за Александар Македонски.
Глас на Америка на македонски: Лично, како поранешен шеф на дипломатијата, имате искуство со грчкиот премиер Андонис Самарас. Дали неговото враќање на власт, овојпат на највисоката позиција во Грција, ќе донесе новини во процесот?

Денко Малески: Мислам дека Самарас не го променил своето мислење за нашата држава и нација, но дека реалноста на нашето постоење како меѓународно призната држава, членка на ОН, го принудува на поинакво поведение. Новината, мислам, може да биде потврдиот однос кон нас во однос на оној на неговиот претходник (Јоргос, н.з.) Папандреу. Но, независно од тоа, фактот дека забраздивме во идентитетски спор околу антиката не дава простор за отстапка на било кој грчки политичар. Тие нема да се откажат од митот кој го градат со столетија, ниту пак ќе се согласат да го споделуваат со нас.

Глас на Америка на македонски: Македонскиот претседател Ѓорге Иванов јасно стави на знаење дека нема разговори за идентитетот и јазикот. Дали постои можност овие теми да не се допрат во процесот на разговорите - Македонците и македонскиот јазик да не бидат предмет на разговорите?

Фактот дека забраздивме во идентитетски спор околу антиката не дава простор за отстапка на било кој грчки политичар. Тие нема да се откажат од митот кој го градат со столетија, ниту пак ќе се согласат да го споделуваат со нас.
Денко Малески: Сега се гледа во каква замка влеговме повторувајќи дека нема да разговараме за идентитетот. Не, не мислам на разговорите со Грците, туку дома. Имено, папагалски повторувајќи ја оваа сентенца на владејачката гарнитура, и` оставивме простор да поставува споменици на историски личности пред самите да изградиме консензус околу едно заедничко толкување на историјата. Порано или подоцна ќе мора да кажеме кои Македонци сме ние, зашто и Грците и Бугарите велат - и ние сме Македонци. Но, не само заради притисокот од внатре, онака како што се заострува идентитетската криза на Македонецот во Република Македонија, предизвикана од отсуство на цивилизиран внатрешен дијалог меѓу назабени политички опции.

Порано или подоцна ќе мора да кажеме кои Македонци сме ние, зашто и Грците и Бугарите велат - и ние сме Македонци.
Глас на Америка на македонски: Како го оценувате напливот на оптимизам кај комесарот за проширување Штефан Филе за тоа дека во Македонија се случиле значајни поместувања на подобро во реформските процеси, но и во однос на проблемот со Грција?

Денко Малески: Комесарот за проширување е платен да биде оптимист по прашање на проширувањето, инаку ќе остане без работа. Но, никој подобро од нас не знае каде се наоѓаме во процесот на европската трансформација на македонското општество. Сведоци сме на добрите и на лошите работи и точно знаеме до каде сме стасале со реформските процеси и какви ни се односите со Грција. Значи, непријатните работи сами мора да си ги кажеме. Не само странските политичари и дипломати, туку и странската експертска јавност почна да одбегнува сериозно и вистинито да зборува за нашата ситуација, сметајќи дека не е нивна задача да ја “освестуваат” македонската јавност за непријатните реалности на меѓународната политика. Како сите да кренале раце од нас, третирајќи не` како лица со посебни потреби. Последниве месец-два следев неверојатно „празни“ интервјуа со коментатори на меѓународната политичка сцена за нашите односи со Грција, како Тим Џуда, Иван Крастев или Даниел Сервер. Тие „празни“ интервјуа, пак, се штетни, затоа што се доживуваат како меѓународна потврда на атмосферата на цинизам која владее во политичката дебата во Македонија.
XS
SM
MD
LG