Линкови за пристапност

Нема политичка волја за решение

  • Ведран Андоновски

Даниел Сервер

Даниел Сервер

Интервју со Даниел Сервер, професор на Катедрата за постдипломски меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс

Интервју со Даниел Сервер, професор на Катедрата за постдипломски меѓународни студии на Универзитетот Џонс Хопкинс и член на универзитетскиот Центар за трансатлантски односи.

Глас на Америка на македонски: Посредникот на ОН Метју Нимиц соопшти дека дал нов предлог за името. Дали ова е индикација дека Македонија и Грција се поблиску до решение од порано?

Сервер: Навистина не знам. Не сум сигурен што е таканаречениот нов предлог на Нимиц. Не знам колку ќе се покаже прифатлив за обете страни. Поентата е, ова е прашање што може да се реши со политичка волја. Има многу можни решенија. Мојот наод е дека и на грчка, и на македонска страна, последниве 20 години не постоеше политичка волја.

Oва е прашање што може да се реши со политичка волја. Има многу можни решенија. (...) И на грчка, и на македонска страна, последниве 20 години не постоеше политичка волја.
Глас на Америка на македонски: Па сепак, воочлив е напредокот во изјавите, во споредба со претходната рунда на разговори. Дали сметате дека новиот предлог е поврзан со намерата на ЕУ, прашањето за името да се реши додека Македонија е пред вратите на Унијата?

Даниел Сервер: Мислам дека тоа е дел од она за што станува збор, но исто така мислам дека Македонија во моментов навистина сака да влезе во НАТО што е можно побргу, и тој прием би се случил побргу отколку приемот во ЕУ. Поентата е дека за населението во Македонија, особено за албанскиот дел, решавањето на ова прашање е многу важно и би помогнало да се смират меѓуетничките односи, доколку Македонија релативно брзо влезе во НАТО, а потоа и во ЕУ.

Глас на Америка на македонски: Кој е Вашиот став за американскиот влог во целиот процес? Како го коментирате расположението дека САД треба да го искористат своето влијание во регионот и да сторат нешто повеќе од официјалната политика дека ќе го прифатат решението за кое двете страни ќе се договорат? Каква треба да биде американската улога?

Мислам дека е важно да се разбере дека САД навистина во ова немаат важен национален интерес. (иако, н.з.) Би сакале да ја видат Македонија во НАТО и ЕУ.
Даниел Сервер: Мислам дека е важно да се разбере дека САД навистина во ова немаат важен национален интерес. Би сакале да ја видат Македонија во НАТО и ЕУ. Мое лично чувство, но тоа е целосно лично, е дека приемот во НАТО треба да се случи во согласност со Времената спогодба, што значи Македонија да влезе како поранешна југословенска република Македонија. Моето сознание е дека Македонците се подготвени да прифатат членство во НАТО под тој услов. Мислам и дека во однос на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, Грција би требало да биде подготвена да го прифати истото, иако, очигледно, се` уште не го сторила тоа. Така, мислам дека Американците, доколку навистина сакаат да придонесат во ова, би инсистирале Македонија да влезе во НАТО што е можно побрзо како БЈРМ.

Глас на Америка на македонски: Дали преговорите, за доброто на луѓето во Македонија и Грција, треба да бидат потранспарентни во смисла на што, навистина, се предлозите за кои се преговара?

На крајот на краиштата, (предлогот, н.з.) ќе мора да биде соопштен во јавноста и ќе мора да биде нашироко прифатен, така што лидерствата во Грција и Македонија ќе мора да завршат работа истото да го „продадат“ во јавноста.
Даниел Сервер: Ова секогаш зависи од тоа како ќе процени преговарачот. Ако соопштите во јавноста прерано, луѓето брзо застануваат „за“ и „против“. Од друга страна, јасно е дека и во Грција, и во Македонија, без оглед на тоа за што ќе биде постигната согласност, истото ќе треба да биде прифатено нашироко, особено во Македонија, каде можеби ќе има потреба за уставни амандмани - не можете да ги донесете без широка политичка согласност за решението, какво и да е. Морам да го почитувам доброто проценување на посредникот Нимиц за тоа кога да го соопшти предлогот во јавноста. Мислам дека чувството досега беше дека доколку веднаш го соопштите во јавноста, губите секаква можност да постигнете решение. Но, на крајот на краиштата, ќе мора да биде соопштен во јавноста и ќе мора да биде нашироко прифатен, така што лидерствата во Грција и Македонија ќе мора да завршат работа истото да го „продадат“ во јавноста.

Глас на Америка на македонски: Како ја коментирате тезата дека Македонија воошто не треба да преговара, со оглед на тоа дека преку 130 земји веќе ја признале под уставното име?

Знаете, зависи од тоа колку го вреднувате членството во НАТО и ЕУ. (за тоа дали Македонија воопшто треба да преговара за името, н.з.)
Даниел Сервер: Мошне добро ја разбирам таа перспектива. Единствената вистинска причина да се преговара на оваа тема - Македонија е позната како Македонија насекаде во светот, освен во Грција, и, искрено кажано, дури и грчките дипломати го прифаќаат фактот дека сите и` се обраќаме како Македонија, значи повеќе не постои вистински проблем - значи, перфектно разбирам зошто некои Македонци би можеле да заклучат дека сегашното решение е најдоброто. Проблемот е што со тоа, едноставно, членствата во НАТО и ЕУ не се можни. Знаете, зависи од тоа колку го вреднувате членството во НАТО и ЕУ. Се надевам дека членството во НАТО ќе се случи согласно Времената спогодба, ако не биде постигната друга, поконечна спогодба. За членството во ЕУ, ќе мора да има поконечна спогодба, тоа сите јасно го велат веќе подолго време. Значи, сегашната ситуација е добра ситуација за Македонија, но ако сака да стане членка на ЕУ, ќе мора да истапи чекор напред.
XS
SM
MD
LG