Линкови за пристапност

Плаќањето сметки на интернет – почва за сајбер криминал


МВР преку писмено соопштение, изјави дека е зголемен бројот на пријави за сомненија за сторени кривични дела од областа на интернет измамите

Се зголемува бројот на Македонци кои плаќаат сметки на интернет, но зголемен е и бројот на пријави во полиција за сомненија за сајбер криминал.

Ристе Каланоски, експерт за управување со информациски системи, за Гласот на Америка, вели дека граѓаните мора да бидат внимателни при користењето на современите технологии, и покрај тоа што големите финансиски институции и банки располагаат со системи за заштита од електронски криминал.

„Кога станува збор за електронски или сајбер криминал, мислам дека Македонија во оваа фаза на развој на интернет плаќањето, претставува плодна почва за напади од хакерите. На ниво на држава, треба да се спроведат мерки за едукација и информирање на граѓаните“, вели Каланоски.

Тој нагласува дека при плаќање со платежните картички на интернет, граѓаните треба да ги избегнуваат ситуациите кои не им се доволно познати.

„До сега не сме имале проблем, бидејќи долго време користиме електронско банкарство и приватно и за потребите на фирмата“, вели жителка на Охрид.

Други пак, се` уште го употребуваат стариот метод на плаќање.

„Не користиме интернет. Плаќаме директно во пошта или во банка. За сега подобро ми е вака да плаќам“, велат граѓаните.

Перењето пари најчесто се врши преку интернет и преку употреба на информатичките комуникациски технологии.

Во исто време, приходите од електронскиот криминал ретко се запленуваат и конфискуваат, оценуваат меѓународни експерти на конференција во Охрид.

Нашиот финансиски сектор и приватните компании имаат капацитет да се грижат за безбедноста на нивните системи, ги идентификуваат сите потенцијални напади, како и моментални напади, и соодветно одговараат. Во одредени случаи, пријавуваат во Секторот за компјутерски криминал во МВР, и ние понатаму ги истражуваме тие кривични дела во соработка со Јавното обвинителство“, рече Марјан Стојкоски од Министерството за внатрешни работи.

МВР неодамна, преку писмено соопштение, изјави дека е зголемен бројот на пријави за сомненија за сторени кривични дела од областа на интернет измамите, при кои најчести жртви биле македонски граѓани и правни лица.

Оттаму велат дека најдобриот начин за борба против овој криминал е превенција и високо ниво на свест при користење на интернет мрежа во деловна комуникација.

XS
SM
MD
LG