Линкови за пристапност

Иванов: Иноваторите се движечка сила за економски развој

  • Сашо Митан

Иванов: Иноваторите се движечка сила за економски развој

Иванов: Иноваторите се движечка сила за економски развој

Претставници на Европска комисија, Светска банка, Европската академија на науки и уметности, МАНУ, педесетина водечки светски универзитети како Кембриџ, Оксфорд, Рим, Берлин, Виена и Вашингтон учествуваат на 4-тата Меѓународна Конференција за претприемништво, иновации и регионален развој, во Охрид.

„Поддршката на иновациите, знаењето, едукацијата на младите, привлекување на инвестиции и воспоставување партнерство се главните услови за побезбедно и одржливо општество. Претприемачите и иноваторите се вистинската движечка сила, локомотивата на една земја и на економскиот развој“, рече Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на отворањето на конференцијата.

Иванов, како покровител на Конференцијата, потенцираше дека цел на државата е во следниот период да создаде поволни услови малите и средни претпријатија да се натпреваруваат со нови иновации и патенти кои ќе ги претворат во конкретни нови производи и услуги.

„Светот се уште закрепнува од глобалната економска криза. Единствениот начин на кој можеме успешно да ја пребродиме кризата и да создадеме одржлива економија втемелена на слободниот пазар, конкурентноста и квалитетот е да ја охрабриме работата на малите и средни претпријатија. Тие се носители на економскиот развој на секоја успешна земја“, рече Иванов.

Според Глобалниот индекс на конкурентност, Македонија се наоѓа на 79-то од вкупно 139 места. Следењето на патот на иновациите, поттикнување на претприемништвото и инвестицииите во човековиот капитал, за кратко време за Македонија е важно, а тоа е вградено и во Лисабонската агенда 2020 на Европската Унија.

Џон Клакстон од Генералниот Директорат за истражување и иновации на Европска комисија информираше дека во фокусот на Европа во моментов е Иновациската унија 2020, каде иновациите се ставени во фокусот на економскиот развој на Европската унија.

Според претседателот на Европска академија на науки и уметности, Феликс Унгер, Македонија треба да се фокусира на создавање силни мали и големи претпријатија

„Тие се оние што ги движат економиите и тоа во најголемиот број земји. Македонија има одлична услови за тоа да го направи“, рече Унгер.

XS
SM
MD
LG