Линкови за пристапност

ММФ ја ревидираше прогнозата за економскиот растеж


Прогноза на растот на светскиот бруто-домашен производ. Извор: ММФ

Прогноза на растот на светскиот бруто-домашен производ. Извор: ММФ

Главниот економист Оливие Бланшард предупреди дека ситуацијата би можела да се влоши доколку САД и Европа не се справат со политичките и финансиски проблеми.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали својата прогноза за глобалната економска експанзија годинава, а неговите стручњаци наведуваат дека расте ризикот од сериозни проблеми.

„Светскиот економски опоравок продолжува, но натамошно заслабнал. Во напредните економии, растежот сега е премногу мал за да направи значителна разлика во однос на невработеноста. Во главните новопојавени пазари, исто така е намален растежот што се` досега беше силен“, изјави главниот економист на Фондот Оливие Бланшард.

Па сепак, во извештајот на ММФ, објавен на собирот на организацијата во Токио, стои и дека нема да дојде до „тврдо приземјување“ за земјите во економски подем.

Фондот прогнозира глобална годишна стапка на растеж од 3,3%, што е помалку од претходната прогноза од 3,5%, објавена во јули годинава.

Бланшард предупреди дека ситуацијата би можела да се влоши доколку САД и Европа навремено и ефикасно не се справат со политичките и финансиски проблеми. Тој кажа дека постои „општо чувство на неизвесност за иднината“.

Фондот предвидува растежот во САД да биде само 2,2% годинава и малку побрз во 2013-та. За земјите кои го користат еврото, прогнозата е дека економијата ќе се намали за 0,4% годинава, пред да се подобри во 2013-та. Земјите во развој во Азија, според МФФ, би требало да продолжат да растат со просечна стапка од 6.7% годинава, а уште повеќе наредната.
XS
SM
MD
LG