Линкови за пристапност

Хашки трибинал: Воислав Шешељ на слобода


Српскиот ултранационалист не беше присутен во судницата за време на објавувањето на пресудата

Судот за воени злосторства на ОН го ослободи српскиот ултранационалист Воислав Шешељ на сите точки од обвинението против него за воени злосторства и злосторства против човештвото, за време на војните на Балканот од 1990-те.

61-годишниот Шешељ беше обвинет за вкупно девет точки од страна на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд на Хаг, вклучувајќи убиства, тортура и прогон за време на етничките војни предизвикани од распадот на Југославија.

„Воислав Шешељ сега е слободен човек“ прогласи претседателот на судскиот совет Жан-Клод Антонети за време на објавување на пресудата, во која се наведува дека обвинителите не го докажале својот случај за време на судењето кое траеше од 2007-ма до 2012-та година.

Шешељ не беше присутен во судницата за време на објавувањето на пресудата. Тој му се предаде на Меѓународниот кривичен суд во 2003-та година, но му беше дозволено да се врати во Србија во ноември 2014-та година за да се лекува од рак на црниот дроб. Тој одби да се врати во Хаг за да ја слушне пресудата, палејќи ги знамињата на ЕУ и НАТО пред судот во Белград порано месецов, како чин на непослушност.

Шешељ планира да се кандидира за парламентот во текот на следните избори, како лидер на екстремно десничарската Српска радикална партија.

XS
SM
MD
LG