Линкови за пристапност

Смртта на Витни Хјустон била несреќен случај


Лекарите заклучиле дека смртта на американската музичка ѕвезда Витни Хјустон минатиот месец била резултат на случајно давење во када и на ефектите од кокаин и срцева болест.

Од канцеларијата на иследникот на Лос Анџелес во четврток беше соопштено дека нема сомнение за сторено кривично дело. Менаџерот на Хјустон и снаа, Патриша Хјустон,вели дека семејството е „затечено“ со резултатот, но дека е добро што случајот е затворен.

Наоѓањето дојде по недели на шпекулација за смртта на пејачката, која со години се борела со зависност од дрога и алкохол. Конечниот извештај на исленикот ќе биде објавен за две недели.

Хјустон, на 48-години, беше најдена мртва во када во нејзината хотелска соба во Лос Анџелес, на 11 февруари, ден пред церемонијата за доделување на наградите Греми, каде доаѓаат најголемите ѕвезди во американската музичка индустрија.

Самата Хјустон има добиено шест Греми награди во пејачката кариера од близу три децении. На 19 февруари таа беше погребана на приватна церемонија што ја пренесуваше телевизијата во нејзината родна држава Њу Џерси.

XS
SM
MD
LG