Линкови за пристапност

Источниот брег на САД пред удар на едно од најголемите невремиња што го погодиле најнаселениот дел на земјата.

Ситуацијата долж источниот бег на САД денеска ќе станува се` потешка откако ураганот Сенди, едно од најголемите невремиња што го погодило овој најнаселен дел на земјата, ќе допре до копното и ќе донесе поројни дождови и опасни ветришта, најавуваат метеоролозите.

Сенди попат ќе се здружи со две зимски невремиња, креирајќи суперневреме што би можело да се одрази на до 60 милиони жители. Ураганот треба да допре до копното во текот на подоцнежните часови денеска.

Според прогнозите, Сенди ќе донесе ветришта со јачина на ураган во потегот од крајбрежните делови на Вирџинија, па се` до Масачусетс. Утрово, ветриштата беа со брзина од 140 километри на час. Националната метеоролошка управа предупреди дека ова е „невреме што го загрозува животот“ и што може да донесе наплив до 3 метри во водниот систем околу Њујорк.

Невремето принуди затворање на училиштата и запирање на јавниот превоз во Вашингтон, Филаделфија и Њујорк. Нема да отвори ниту Волстрит - сите пазари на акции во земјата денес ќе мируваат, а со клуч на врата ќе биде и седиштето на ОН во Њујорк. Сопрен е главниот железнички сообраќај, а откажани се илјадници авионски летови.

Американскиот претседател Барак Обама, кој синоќа беше на брифинг во Федералната агенција за управување во вонредни состојби (ФЕМА), ги повика Американците да ги послушаат наредбите од федералните и локалните власти и да ја сфатат ситуацијата најсериозно.

Властите ги повикаа жителите да обезбедат залихи на вода, конзервирана храна и батерии и да бидат подготвени да минат неколку дена без електрична енергија.

Градовите Њујорк, Пенсилванија и Вашингтон и сојузните држави Мериленд, Вирџинија и Северна Каролина веќе прогласија вонредна состојба. Во делови на Делавер веќе беше спроведена задолжителна евакуација.

Сенди претходно мина низ Карибите, однесувајќи 60 човечки животи на Бахамите, Куба, Јамајка и Хаити.
XS
SM
MD
LG