Линкови за пристапност

Хантсман доби голем поттик во претседателската трка


Хантсман доби голем поттик во претседателската трка

Хантсман доби голем поттик во претседателската трка

Републиканскиот претседателски кандидат Џон Хантсман доби голема поддршка од клучен американски весник додека полето на кандидати се подготвува за претседателските прелиминарни избори следната недела во североисточната држава Њу Хемпшир.

Бостон Глоуб ги фалеше акредитивите на поранешниот гувернер на Јута и кажа дека тој е најдобриот кандидат да „го зграби овој момент“ во историјата на Републиканската партија и дека е „најдобро подготвен да биде претседател“.

Весникот со седиште во Масачусетс во уреднички коментар во петок кажа дека Хантсман има „далекусежни погледи“по прашања како обновлива енергија, образование и имиграција.

Весникот за искуството на Хантсман како американски амбасадор во Кина под претседателот Барак Обама вели дека е значајно и дека му дава „детална визија за надворешно-политичките, економските и стратешките алијанси“.

Весникот има голема читателска публика во Њу Хемпшир, што ќе биде домаќин на републиканските претседателски прелиминарни избори на 10 јануари.

Весникот вели дека Хантсман и поранешниот гувернер Мит Ромни, се единствените двајца кои се издвојуваат како „вистински претседателски“, но додава дека Хантсман е „одважен“, додека Ромни е повнимателен и стратешки се обидува да ги задоволи избирачите за да ја добие номинацијата.

Ново истражување на Њуз 7 и Универзитетот Сафолк покажуваат дека во Њу Хемпшир за прелиминарните избори Хантсман е на последно место со поранешниот спикер на Претставничкиот дом Њут Гингрич , со седум проценти поддршка. Ромни е во водство со 41 проценти.

Хантсман доби еден процент поддршка во кокусите во Ајова, но се надева да добие повеќе во Њу Хемпшир каде ги фокусира своите кампањски напори.

Додека кампањата се загрева меѓу шестемина преостанати републикански претседателски кандидати, Ромни и новиот миленик на републиканците Рик Санторум, во четврток ги свртеа своите вербални напади спрема претседателот Обама.

Претседателот, пак, го имаше своето прво кампањско застанување во 2012-та во Охајо, во средата. На претседателот му претстои тешка кампања да добие втор мандат заради слабата економија.

XS
SM
MD
LG