Линкови за пристапност

„Хјуман рајтс воч“ ја обвини македонската полиција за бруталност

  • Синиша Станковиќ

МВР демантира, тврдејќи дека се однесува кон илегалните мигранти согласно сите меѓународни конвенции.

Дваесет и седум мигранти, меѓу кои и три деца, изјавиле дека македонски полицајци ги малтретирале при апсењето на граница, дека биле физички малтретирани, навредувани, и под закана биле водени во меѓуграничниот појас и приморувани да се вратат назад, се вели, меѓу другото во Извештајот на организацијата „Хјуман рајтс воч“, под наслов „Како да не сме луѓе“ (Полициска бруталност врз мигрантите и барателите на азил во Македонија), објавен денес на сајтот на организацијата.

Извештајот се заснова на резултатите од теренското истражување кое е спроведено во Македонија од 18 до 27 јануари годинава, низ поголем број интервјуа (64 детални разговори со жртви и сведоци на полициско насилство меѓу мигрантите, но и разговори со официјални лица од надлежни државни институции), во времекога се уште не беа донесени измените на Законот за азил, со кој, во јуни годинава, на бегалците и мигрантите им беше дозволено во рок од 72 часа да поднесат барање за признавање на правото на азил и користење на јавнио превоз при транзитот низ Македонија.

Во извештајот се истакнува и дека дури деветмина мигранти тврделе во разговорите дека полицајците се делеле во две колони и ги терале да трчаат меѓу нив додека ги тепале со пендреци по грбот и по рацете и ги клоцале.

Министерството за внатрешни работи веднаш реагираше, демантирајќи го извештајот на ХРВ. Според портпаролот на МВР Иво Котевски, „МВР и полицијата се однесува кон илегалните мигранти согласно сите меѓународни конвенции, односно, почитувањето на човековите права“. Котевски во изјава за порталот „Либертас“ повика „доколку има каков било сомнителен случај и јавно би апелирале да биде пријавен за да биде соодветно истражен“.

Според него, „без пријава, секое обвинување остава впечаток на несериозност и тенденциозност“. За наводите дека има и две анонимни интервјуа од полициски службеници, наводно сведоци на несоодветно однесување, Котевски јавно потсети дека „ако полициски службеник тоа не го пријави е многу сериозен престап и ако не станува збор за некаква тенденциозност и доколку има барем малку добра намера во извештајот, им стоиме на располагање на Хјуман рајтс воч да ги пријават и случаите и полициските службеници“.

„Извештајот на ’Хјуман рајт воч’ претставува темелна алатка со која соодветните институции на една држава сериозно и профессионално би се позанимавале. Во тој извештај наодите се премногу сериозни за туку-така да не бидат земени предвид“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, аналитичарот и хуманитарец Суад Мисини, кој од 14 до 20 јуни, пред македонскиот парламент штрајкуваше со глад, барајќи итно донесување на законски измени за овозможување на безбеден транзит или за привремен престој на мигрантите во Македонија, на непречено движење и користење јавен транспорт, како и „јавно објавување на мерките што МВР ќе ги спроведе за да ги заштити мигрантите додека се на територијата на Република Македонија, односно да гарантира дека ќе го заштити физичкиот интегритет на мигрантите и ќе се справи со криминалците што ги малтретираат, убиваат и силуваат“.

Мисини за Гласот на Америка на македонски јазик, денес потенцира дека „многу наводи и сериозни извори, во континуитет алармираа на состојбата во центарот во Газибаба и неслучајно ослободувањето, во буквална смисла на зборот, од заточеништвото во овој центар, беше едно од трите барања на мојот штрајк со глад. До мене стигнуваа сериозни и кредибилни наводи за нечовечко и нехумано постапување во тој центар. Конечно, неслучајно и Комитетот против тортура на ООН директно посочи дека оваа пракса на одредени припадници на МВР се квалификува како тортура“.

Според Мисини, „реакцијата на МВР го покажува пароксизмот на распаднатиот правен поредок во Република Македонија. Повикувањето на стандардите за човекови права од портпаролот на МВР е смешно, навредливо и потценувачко. И без никаква тортура, и без извештај од било кого, луѓето во центарот беа држени вон законските норми. И за тоа некој треба да одговара!“

За изјавата на Котевски од МВР, според кого, е сомнително и тоа што и мигрантите кои престојувале во центарот се анонимни, зашто, „доколку никогаш повеќе не се враќаат во Македонија немаат причина од страв и анонимност“,, Мисини реагираше дека е шокантна. „МВР, како дел од мафиократскиот систем на владеење, не може да очекува да им се дадат извори кои тие ке ги удават во канта со вода, или ке ги удри воз. Уште да им се рече: зини да ти кажам! Изјавата на портпаролот е дотолку потрагична што во отсуство на пријава, тие не сметаат дека треба да покренат сопствена истрага! За нив, ХРВ е некредибилна организација, која мозеби, според МВР, работи по нарачка!“, изјави Мисини за Гласот на Америка на македонски јазик.

Мисини смета дека извештајот е апсолутно релевантен, а делата нема да застарат, „ниту пак во некоја иднина, командната одговорност ке биде заобиколена при релевантен судски процес“.

XS
SM
MD
LG