Линкови за пристапност

Студија: Хотелските соби под лупа


Потенцијално опасни бактерии се најдени таму каде малку се очекувало. Читајте понатаму...

Нова студија за хигиената во американските хотелски соби најде дека потенцијално опасни бактерии често живеат на површини каде не се надевате, како далечински управувачи за телевизија и прекинувачи за струја. Овие резултати, велат истражувачите, покажуваат дека угостителската индустрија - трета најголема во државата, мора да се придвижи преку визуелната инспекција.

Чистотијатата е важна. Синџирот Бест Вестерн, цитирајќи го истражувањето на Буз Ален, вели дека чиста, добро одржувана хотелска соба сега е приоритет број еден на патниците, што дури ја надминува и услужноста.

Истражувачите собрале примероци од девет хотелски соби во три американски сојузни држави. Членови на тимот провериле 19 различни точки во секоја соба за аеробични бактерии и колиформски бактерии, кои се поврзани со фекални материи.

Најконтаминирани површини не биле секогаш најочигледните. Како дополнение на тоалетните седишта и површината на лавабото во бањата, површини со најмногу бактерии биле на телевизиски далечински управувачи, прекинувачи за светло на лампите покрај кревет, како и сунѓерите и крпите од хотелските колички за чистење. Ова последно откритие е посебно загрижувачко, вели Кати Кирш, од Универзитетот на Хјустон, која помогнала во изведувањето на студијата. Доколку хотелските колички се загадени, тие имаат потенцијал да загадат други соби, вели таа.

Кирш и нејзините колеги препорачуваат хотелите да прифатат систем наречен Hazard Analysis and Critical Control Points, или како што се вика скратено: хасап. Пред 30 години НАСА и компанијата за храна Пилсбури го креирале хасап да ги направат безбедни оброците за астронаутите. Денеска тој се користи од вработените во кланици, производители на храна и ресторани во светот за идентификување на чекори со висок ризик во процесирањето на храна, за да се креира протокол за намалување на бактериска контаминација.

Џо Мекинери, раководител на голема хотелска асоцијација, за Гласот на Америка кажа дека сака да ја прочита целата студија и нејзините наоѓања, зашто не е убеден дека има проблем. Ризикот од ширење болести преку хотелските соби тој смета дека е еднаков со ризикот од отварање на влезната врата на домот или влегување во ресторан.

Некои хотели, сепак, прифатија високотехнолошко чистење. Во мај, Бест Вестерн објави планови за екипирање на своите чистачи со стапчиња со ултравиолетови зраци и таканаречени црни светла. Стапчињата ги стерилизираат телефоните, прекинувачите и рачките на вратите. Црната светлина открива биолошка материја што човечкото око не може да ја види. Рон Пол од компанијата вели дека програмата е начин „да се придонесе на задоволството, лојалноста и довербата“ на гостите.
XS
SM
MD
LG