Линкови за пристапност

Извештаи за воздушни напади, жртви во заложничката криза во Алжир


Со наоѓалиштето на гас во Ин Аменас делумно оперира британската енргетска компанија БП. (Фотографија на AFP PHOTO / STATOIL / KJETIL ALSVIK)
Со наоѓалиштето на гас во Ин Аменас делумно оперира британската енргетска компанија БП. (Фотографија на AFP PHOTO / STATOIL / KJETIL ALSVIK)

Алжирските сили наводно нападнале во моментот кога грабнувачите се обиделе да го напуштат комплексот за експлоатација на гас со најмалку еден од заложниците.

Алжирските сили извршиле упад во зафрленото наоѓалиште на гас во местото Ин Аменас, каде милитанти, поврзани со Ал-Каида, вчера зедоа заложници. Медиумските извештаи цитираат припадник на милитантите, според кого во операцијата загинале 34 заложници и 15 грабнувачи.

Засега нема многу информации за ситуацијата. Мавританската новинска агенција АНИ соопшти дека веста за жртвите ја добила од еден од милитантите во наоѓалиштето. Комплексот за експлоатација на гас се наоѓа во централноисточниот дел на Алжир.

Агенцијата јави дека алжирските хеликоптери нападнале во моментот кога милитантите се обиделе да го напуштат комплексот со барем еден од грабнатите. Неидентификуван милитант за агенцијата изјави дека најмалку седум заложници од западните земји се` уште се живи.

Алжирската новинска агенција, пак, цитирајќи локални извори, соопшти дека армијата ослободила четири странци. Според првичните извештаи, се работи за еден Кениец,еден Французин и двајца Британци.

Исламистичките милитанти, поврзани со Ал-Каида, претходно тврдеа дека грабнале до 41 странски заложник во комплексот, во знак на одмазда за француската армиска акција во соседен Мали.

Со наоѓалиштето на гас делумно оперира британската енргетска компанија БП. Компанијата соопшти дека започнала со евакуација од Алжир на дел од персоналот што не е нужно неопходен .

Вчера, портпарол на организацијата Ал-Каида во исламски Магреб (АКИМ) за Гласот на Америка соопшти дека меѓу заложниците се седум Американци. Се претпоставува дека останатите заложници се од Британија, Франција, Јапонија, Норвешка и Исланд.

Портпаролот Умар Улд Хамаха средата изјави дека доколку Америка сака да и` помогне на Франција во Мали, ќе „се соочи со последици“. Тој рече дека Франција објавила војна и западњаците ќе настрадаат доколку продолжи интервенцијата.

Американскиот секретар за одбрана Леон Панета кажа дека грабнувањето е чин на тероризам.

„Сериозна работа е кога Американците, заедно со други државјани, ќе бидат земени како заложници. САД ќе ги преземат сите неопходни и соодветни мерки за да се справат со ситуацијата“, рече Панета.

Британскиот државен секретар Вилијам Хејг денес го отфрли образложението на милитантите за земањето на заложници.

„Нема оправдание за ова, без разлика кој изговор ќе го употребат терористите и убијците. Апсолутно нема оправдување за ладнокрво убиство на луѓе кои си ја гледале својата работа, без оглед дали е поврзано со Либија, Мали или друго место, рече Хејг.

Алжирскиот министер за внатрешни работи Дахо Улд Кабила соопшти дека неговата земја нема да преговара со терористите. Тој информираше дека еден Британец и еден Алжирец биле убиени на местото каде милитантните вчера ги грабнаа странските државјани.

Француските сили минатата недела навлегоа во Мали за да помогнат против исламистичките милитанти кои напредуваа кон главниот град. Меѓу организациите кои ја презедоа контролата во северниот дел на Мали минатата година се наоѓаат најмалку три поврзани со Ал-Каида.

Алжирската влада веќе извесно време предупредуваше дека евентуалната армиска интервенција против бунтовниците во Мали би можела да резултира во прелевање на насилството во Алжир, преку долгата и порозна граница меѓу двете земји.
XS
SM
MD
LG