Линкови за пристапност

Американска продуцентска куќа ќе прави промотивни филмови за Македонија

  • Соња Трајковска

Рибарски чамци на Дојранското Езеро

Рибарски чамци на Дојранското Езеро

Холивуд медија бриџ“ ќе снима во Матка, Лазарополе, Јанче, Охрид, Галичица, Пелагонија, Трескавец, Дојран, Берово...

Дали живописните предели од Македонија ќе станат попрепознатливи во светот? Тоа ќе се знае по инфо-турата што за продуцентската екипа на „Холивуд медија бриџ“ (Hollywood Media Bridge) ја организира Агенцијата за промоција на туризмот, а ќе бидат опфатени повеќе локации- од Скопската стара чаршија, Матка, Лазарополе, Јанче, Охрид, Галичица, Пелагонија, Трескавец, Дојран, Берово...

На првата локација, Скопската чаршија, денеска започна снимањето на еден од 15-те куси промотивни филмови за туристичката понуда на Македонија, што, како што беше соопштено на денешната прес-конференција, на пет странски јазици од 2015-та година ќе се емитуваат на популарни светски ТВ-канали, меѓу кои и Си-Ен-Ен и на Јутјуб.

Како што изјави директорот на Агенцијата за промоција на туризмот Кристијан Џамбазовски, комплетниот процес, од снимање до емитување, е бесплатен и независен од рекламите „Македонија вечна“ што се прикажуваат на Си-ен-ен.

„Овие ќе бидат бесплатно емитувани и бесплатно направени. Ние имавме неколку презентации на светските саеми за туризам, имавме неколку кратки средби од коишто на нашата презентација увидоа дека Македонија има доволно туристички потенцијал за да биде претставена пред светот“, вели Џамбазовски.

Во екипата на „Холивуд медија бриџ“ се репортерот, новинар и продуцент Перси фон Липински, филмскиот продуцент Тимоти Марлоу, снимателот Роб Хабер и новинарката од Швајцарија Жаклин Винзелберг, чии репортажи од Македонија ќе бидат објавени во специјализирани списанија за туризам во Швајцарија, Австрија и Германија.

„Доаѓаме во Македонија за на униктен начин да направиме бренд. Секој од вас гледал холивудски филм или шоу во кој се идентификувате со лик или локација која имала некакво влијание на вас. Можеби некаде сте патувале и сте рекле - тука е снимена „Казабланка“. Тоа е она што ние го правиме, препознавање на брендот преку филм кој се гледа во целиот свет“, рече Фон Липински на прес- конференција, обелоденувајќи ги плановите на продуцентската куќа.

Според директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Виктор Мизо, ова е само надополнување на процесот на промовирање на Македонија како туристичка дестинација, започнат уште во 2007-ма година, и е „различен начин за креирање позитивен имиџ за државата во странство“.

Основач на „Холивуд медија бриџ“ е филмскиот продуцент и оскаровец Фил Голдфајн.

XS
SM
MD
LG