Линкови за пристапност

Марџори Пост - бизнисменка, филантроп, колекционерка

  • Јулија Велковска

Хилвуд, некогаш нејзин дом, сега музеј, е отворен за посетителите во 1977-та, за, како што сакала, „јавноста да се инспирира и едуцира“

Марџори Мериведер Пост е родена во Спрингфилд, Илиноис во 1887-ма. Како наследничка на мултимилионска компанија и претприемачки дух од нејзиниот татко, на само 27 години станала една од најуспешните и најбогати жени во САД.

Пред да го купи Хилвуд, во северозападниот дел на Вашингтон, Пост веќе била позната како колекционерка на француска декоративна уметност од 18-от и 19-от век, што главно се должи на влијанието на британскиот трговец со уметнички дела, Џозеф Дувен. Мебелот, во неокласичниот стил на Марија Антоанета и Луј 16-ти, е само дел од богатиот репертоар. Елементите на хармонија и грациозност од тој период го доизградиле нејзиниот и онака софистициран вкус.

Интерес за руската уметност покажала во доцните 30-ти години, како сопруга на Џозеф Дејвис, американски амбасадорот во тогашниот Советски Сојуз. Во тоа време Владата се обидела да го продаде империјалистичкото богатство за да ги финансира своите програми за индустријализација, вели Вилфред Зислер, кустос за руска и уметност од 19-от век во Хилвуд.

„Со доаѓањето во Русија, едноставно се вљубила во културата и уметноста на оваа земја. Купила неколку дела, а подоцна во САД посетувала аукции. Хилвуд важи за најголема колекција на руска уметност надвор од Русија и на неа отпаѓаат околу 30% или околу 6.000 предмети и дела од крајот на 18-от и почетокот на 20-от век“.

Тој го издвојува деликатниот порцелан, но и креациите на Питер Фаберже, познат дизајнер на накит за руските лидери. Хилвуд поседува околу 80 креации на Фаберже, меѓу кои и две Велигденски јајца кои биле во сопственост на последниот руски цар, Николај Втори.

Во непосредна близина, мини-галерија на икони, и околу 400 мошне скапоцени литургиски предмети изработени од злато, сребро и дијаманти, поврзани со Руската христијанска црква.

„Кога зборуваме за накит и дизајн, чашата на Ивер Бук е ремек-дело“, додава кустосот Зислер. „И` припаѓала на Катерина Велика, позната по колекциите на скапоцени камења и идејата за модернизирање на Русија“.

Хилвуд има 100-тина икони од 16-от, па се` до почетокот на 20-от век.

Пост не сакала елеганцијата и перфекционизмот да остане само во 36-те соби.

„Марџори била љубителка на „градини“ - соби. Дизајнирана од Умберто Иноченти и Ричард Вебел од Њујорк, оваа симетрична формална градина може да се види од нејзината спална соба. Инспирацијата - нејзината страст за културата и луксузот на француската аристократија од 18-от век“, вели Брајан Бар, директор за хортикултура во Хилвуд.

Веднаш до неа, јапонски стил со американско влијание.

„Изградена пред 60 години, а дизајнирана од Шого Маида. Идеална е за прошетки, а мали изненадувања Ве чекаат на секој чекор“, додава Бар.

Градината на розите е најстара градина на имотот. Дело е на Пери Вилер, познат по креирањето на истоимената градина во Белата куќа. Пост решила овде да биде поставена нејзината урна со пепел по смртта. Нејзината желба била почитувана.

Хилвуд е еден од трите дома на Пост и овде главно живеела напролет и наесен. Карактеристично е што ги поддржувала американските војници и воени ветерани преку 50 години, организирајќи бројни приеми за нив во 60-те и 70-те. Нејзината дарежливост била видлива преку многуте донации, повеќето анонимни. Сепак, за издвојување се Американскиот Црвен крст, Националниот симфониски оркестар, Центарот Кенеди и други.

Зошто сето ова? Можеби најдобро ќе објаснат следниве зборови на Пост: „Сакам младите Американци да видат како некој живеел во 20-от век и како таа личност може да собира уметнички дела, на начин својствен за мене. Сакам искуството да го споделам со остатокот од светот. Можеби за некои ќе биде мотивација, можеби не, но во најмала рака, луѓето ќе имаат шанса да видат како сум живеела“.

XS
SM
MD
LG