Линкови за пристапност

Прогласенa епидемиja на жолтица во Скопје и Штип

  • Соња Трајковска

Здравствените власти како можна причина го наведуваат излевањето на канализациската мрежа, но и недоволната лична хигиена и несоодветното миење на овошјето и зеленчукот

Во Скопје и Штип е прогласена епидемија на заразна жолтица.

За разлика од главниот град, каде епидемијата е прогласена денеска, откако се регистрирани 66 заболени од хепатит А, јавноста во Штип беше информирана за епидемијата вчера, два дена откако тамошниот Центар за јавно здравје прогласил епидемија, но никого не информирал.

Директорот на штипскиот центар за јавно здравје Велик Грков вели дека епидемијата ја прогласиле поради поголемиот број на заболени. Хоспитализирани се 24 од вкупно 26 лица заразени со жолтица.

„На 19 - ти овој месец во Штип е прогласена епидемија од жолтица тип А. Тоа значи зголемен број на заболени од заразни заболувања во споредба со претходниот период. Од друга страна, тоа значи и заострување на мерките за спречување појава на нови заболувања - одржување хигиена, потемелно миење на овошјето и зеленчукот“, вели Грков.

Од денеска во Штип се наоѓаат епидемиолози од Институтот за јавно здравје од Скопје, коишто треба да помогнат во откривање на изворот на болеста. Според д-р Жарко Караџовски, директор на Институтот, не постои единствено жариште на зараза во Штип. Водата дефинитивно не е еден од нив, тврди Караџовски. Шестмината стручњаци на Институтот утврдиле четири локации во градот од каде доаѓаат најголем број од заразените.

„Од овие неколку локации ќе бидат земени десетина мостри. Што се однесува до болните, освен неколкумина кои се со потешка клиничка слика, другите се во добра здравствена состојба“, изјави Караџовски.

И градоначалникот на Штип Илчо Захариев, којшто по професија е лекар, тврди дека квалитетот на водата и ист како и претходно.

„По прогласувањето епидемија, јавното претпријатие има надлежност комуналната хигиена да биде на завидно ниво, водата да се контролира како и досега, бидејќи нема отстапување од квалитетот, на 15 дена ќе се проверуваат селските водоводи, природни извори и чешми. Исто така, училиштата и детските градинки и јавните институции, посебно училиштата треба да преземат комплетни мерки за подготовка на учебната година. Единствена среќна околност кај оваа бројка заболени, која според мене не е голема, но сепак не смее да се потценува, е што бранот не се поклопува со почетокот на учебната година, што би го зголемил бројот заболени“, изјави денеска Захариев.

И Караџовски, и Захариев се децидни дека заразата, којашто уште се нарекува и „болест на нехигиена“, нема да го одложи почетокот на учебната година. Источна Македонија и досега се соочувала со епидемии на заразна жолтица, но најалармантна беше состојбата пред неколку години, кога од загаден природен извор на вода во општина Карбинци, беа заразени 50-тина деца.

Во Скопје, според Центарот за јавно здравје, најмногу случаи - 21, има во општина Шуто Оризари, девет во Аеродром, осум во Карпош, седум во Центар, шест во Чаир, пет во Кисела Вода, по три во Гази Баба и Ѓорче Петров и два случаја во општина Бутел.

Како можна причина за заразата, од Центарот ги наведуваат интензивните дождови, собирањето на атмосферската вода и делумното излевање на канализациската мрежа во општините кадешто се регистрирани повеќето случаи, но и недоволното одржување на лична хигиена и несоодветното миење на свежото овошје и зеленчук пред конзумирање.

XS
SM
MD
LG