Линкови за пристапност

Волонтери градат домови во Велес

  • Соња Трајковска

Еден ден од работната недела за доброволна работа одвоија и вработените во Амбасадата на САД во Скопје

Сечеа, а потоа и редеа блокови, коваа, мешаа малтер... Еден ден од нивниот работен престој во Македонија, 25-мина кадети од САД минаа на градилиште во населбатата „Хабитат“ во Велес. Токму тој еден ден и за нив значеше многу –гледаа како пред нивните очи, купот градежен материјал се претвора во нови 12 домови.

„Сакаме да се инволвираме во заедницата и да помогнеме онаму каде што можеме и каде што има потреба. Тоа е вообичаено за нас, а особено за учениците и студентите кои волонтираат многу често. Самите универзитети во САД ја поттикнуваат оваа практика со тоа што имаат барања за волонтерски денови во заедницата. На тој начин се гради посилна и поцврста заедница која на младите луѓе им помага да изградат појака мрежа“, вели Андреа Меткалф, лидер на тимот.

Во досегашната изградба на 36 станови во четирите станбени згради во Велес, наменети за граѓани со помали приходи, учествуваа повеќе од илјада волонтери од целиот свет.

На почетокот на минатиот месец, и амбасадорот на САД во Македонија Пол Волерс и неговата сопруга Мери Џо, беа дел од волонтерскиот тим од 30-тина вработени во Амбасадата во Скопје, кои одвоија еден ден од својата работна недела да помогнат во изградбата на објектот што ќе вдоми 12 семејства, петти по ред во приградската велешка населба Тунел 2.

„Задоволство е да се волонтира и да се помогне. Има работа, но и забава. Треба да научиме нешто ново, на наше големо задоволство”, изјави амбасадорот Волерс.

„Среќна сум што сум тука,што можам да ги употребам моите вештини во редењето тули, што придонесувам некој во иднина тука за живее во подобри услови“, рече Мери Џо Волерс, сопруга на американскиот амбасадор, која воедно е и почесен член на Управниот одбор на „Хабитат-Македонија“. „Да практикуваме волонтерство, да работиме заедно во градењето на домови за семејства кои живеат во супстандардни услови“, е пораката што тие ја испратија од Велес.

Во меѓувреме, на почетокот на неделава, е означен и крајот на уште една успешна приказна – реновирање на основното училиште „Никола Карев“ во Кочани, со средства од Американската Влада преку Европската команда на Армијата на САД, а во рамките на четиригодишниот Проект на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, вреден 5,2 милиони долари. На свеченоста присуствуваше капетанот на морнарицата на САД Дејвид Бустаманте.
XS
SM
MD
LG