Линкови за пристапност

Реакции по мерките на претседателот Обама за контрола на оружјето


По неколку испитувања на јавното мислење, забележана е одредена поддршка на неговиот план

Со обелоденување на серија извршни наредби со цел сузбивање на насилството со оружје од страна на претседателот Барак Обама, најновите анкети се чини дека нудат поддршка за некои од предлозите.

Во САД годишно од оружено насилство животот го губат преку 30.000 лица, вклучувајќи ги масовните убиства и самоубиства на далеку повисоко ниво, споредено со други земји во светот, кажа претседателот.

Најновите мерки беа обелоденети по околу еден месец од последното масовно убиство во Сан Бернандино, Калифорнија, во кое загинаа 14 лица и речиси два месеца од терористичките напади во Париз, во кои животот го загубија најмалку 130 лица.

Според испитувањето на јавното мислење на Центарот Пју од минатиот август, 85% од Американците, вклучувајќи и голем број демократи – 88% и републиканци - 79%, позитивно се изјасниле за поголеми проверки на купувачите на оружје. Околу 80% ги поддржуваат законите, со коишто на лицата со проблеми со менталното здравје ќе им се забрани да купуваат оружје, а 70% позитивно се изјасниле за формирање на федерална датотека за евидентирање на целокупната продажба на оружје. Помало мнозинство од испитаниците, или 57% ја поддржале идејата за забрана на користење на автоматско оружје.

Според анкета на Си-Ен-Ен и ОРЦ Интернешанал од декември, 48% од испитаниците поддржале поостри закони за контрола на оружјето, додека 51% се спротивставиле на нив.

Еден клучен елемент од планот на претседателот Обама се однесува на барањето секој бизнис којшто се занимава со продажба на оружје, вклучувајќи и настани кои важат за шоу во индустријата за оружје, да мора да поседуваат дозвола и да изведуваат проверки за можни криминални досиеја или ментални проблеми на купувачите на оружје.

Истражувањето на јавното мислење на Универзитетот Квинипек покажува дека таквиот закон го поддржале 89% од испитаниците.

Според анкета на Галуп од октомври, 86% од испитаниците поддржале донесување на закон за универзални проверки на сите купувачи на оружје во САД, преку користење на централизирана датотека низ сите 50 сојузни држави.

Сепак, неодамнешна анкета на Галуп покажува дека само 7% од Американците оружјето или контролата на оружјето го гледаат како најголем проблем во САД.

Во анкета на Си-Би-Ес и Њујорк тајмс од почетокот на декември, се вели дека 51% од испитаниците – републиканци, демократи или независни – сметаат дека законите за продажба на оружје треба да заострат.

Педесет и девет проценти од републиканците, 19 проценти од демократите и 34 проценти независни гласачи, рекле дека законите треба да останат непроменети.

Според најнова анкета на Квинипек, мало мнозинство или 58 проценти, поддржува национална забрана на продажба на автоматско оружје. Од друга страна, големо мнозинство од испитаниците, или 83 проценти, поддржуваат донесување на закон со којшто на лицата, осомничени за тероризам под надзор на владата, ќе им биде забрането да купуваат оружје.

Со реакција на планот на претседателот Обама се огласија и претседателските кандидати. Актуелниот фаворит за добивање на номинацијата од редовите на Републиканската партија, Доналд Трамп, сенаторот Тед Круз и гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, ветија дека ќе анулираат какви било извршни наредби на претседателот по ова прашање и дека нема да бидат вмешани во менување на Вториот амандман од Уставот на САД.

Поддршка на мерките на американскиот претседател доби демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон. Таа го пофали Обама за преземените чекори, велејќи дека ќе застане зад него во отсуство на акција од страна на Конгресот.

Плановите на претседателот за поостра контрола на оружјето, наиде на поддршка и кај сенаторот Берни Сандерс, којшто кажа дека претседателот го „прави она што Американците сакаат да го прави“.

XS
SM
MD
LG