Линкови за пристапност

Груевски: Не е срамота да се поддржува идентитетот на својот народ


Премиерот на Македонија реплицираше на изјавата на шефот на грчката држава Каролос Папуљас

Премиерот Никола Груевски денеска јавно му одговри на грчкиот претседател Каролос Папуљас. Во изјава за медиумите Груевски апелираше Папуљас да даде, како што рече, малку позитивна енергија.

„Тој е доволно искусен и возрасен и поминал многу низ полтиката и добро знае оти на ваков начин нема да може да ги решава работите, со постојано препукување, за да соберат некакви поени на домашен терен“, изјави Никола Груевски реплицирајќи на изјавата на шефот на грчката држава кој ја повика македонската влада „да престане со идеологијата на македонизмот.“

„Не е ниту срамота, ниту грев, ниту пак навреда за некоја друга држава ако некој премиер си го поддржува идентитетот на сопствениот народ, тоа што мнозинскиот народ го чувствува, го поддржува сопствениот јазик, националност, култура“, вели премиерот Груевски.

Во ова обраќање Груевски рече дека изјавата на грчкиот претседател ја прифаќа со задоволство ако под неа се подразбира поддршка на македонскиот индетитет, националност и македонскиот јазик.

„Во таа смисла можам да го прифатам тоа што го кажува, дека сум предводник на македонизмот, можам и да потврдам дека со задоволство сум и ќе бидам, за разлика од некои други политичари во минатото кои свесно се прикажуваа и дејствуваа во правец на други држави, главно соседни, промовирајќи нивни идентитети и работи кои се поврзуваат со нивниот јазик, националност и историја“, изјави Никола Груевски..

Премиерот во својот коментар за изјавата на Папуљас повика на разгвор за решение на проблемот.

Карлос Папуљас пред десетина дена на средба со бугарскиот претседател изјави дека “се` додека Скопје инсистира на идеологија на македонизмот, портата на НАТО ќе биде затворена а нивниот пристапен процес во ЕУ замрзнат” , изјави Папуљас за време на вечерата со неговиот бугарски колега Плевнелиев.

Според Папуљас монополизирањето на терминот Македонија и за името на државата, националноста и јазикот не е во согласнот со реалноста во регионот.
XS
SM
MD
LG