Линкови за пристапност

Судот реши - Заев е виновен

  • Соња Трајковска

За навреда и клевета на премиерот во судскиот процес за случајот „Македонска Банка“што Груевски го поведе против водачот на опозицијата

Лидерот на СДСМ Зоран Заев е прогласен за виновен за навреда и клевета на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Ваква пресуда денеска донесе Основиот суд Скопје 2 во судскиот процес што Груевски го поведе против Заев за неговите наводи за криминал при продажбата на „Македонска Банка“.

Според судијката Весна Калковска, наводите дека „таткото на криминалот во Македонија Никола Груевски зел 1.5 милиони евра во кеш од странски бизнисмен”, „Груевски ја оштетил државата за 225 илјади евра неплатен данок“, „премиерот лично ја продал Македонска банка на контроверзниот бизнисмен газда Нини, преку четири оф-шор и две домашни компании кои биле под контрола на Груевски“, и „од продажбата на акциите од банката се стекнал со два милиона и 400 илјади евра“, изречени на 15-ти и 16-ти април меѓу двата изборни круга и пренесени преку медиумите во државава и во странство, содржат клевети и навреди. За тоа, Заев треба да плати нематеријална штета од 3.100.000 денари (50 илјади евра) за „повреда на личните права, угледот и честа на премиерот Никола Груевски“.

Ниту тужителот, ниту тужениот не беа присутни на денешното рочиште, а на пресудата и` претходеа завршни зборови на одбраната. Според адвокатот на Груевски, Никола Додевски, Судот нема основа да ја прифати одбраната на Заев за тоа дека не изнесувал тврдења, туку укажувал дека има основани сомневања и рече дека се работи за намерно изнесување невистини, за да се наруши угледот и честа на тужителот.

Филип Медарски, адвокатот на Заев, рече дека нема простор за клевета и навреда и за надомест за повреда на честа и угледот, дека едниот е претседател на најголемата партија од власта, а другиот на опозицијата, дека се работи за политички изјави што требало да отворат дебата, додека паричниот износ што се бара е многу висок и во иднина би можел да има ефект, како што рече, врз слободата на изразувањето. По изрекувањето на пресудата, бранителите на Заев најавија жалба.

„Пресудата на Основниот суд Скопје 2 по директива на Груевски е класичен доказ дека нема институции во Македонија и дека се` е контролирано од еден центар, премиерот Никола Груевски“, се вели во соопштението што попладнево го издаде Центарот за комуникации на СДСМ, за што, како што се наведува, „потврда е одлуката на судот да ја испорача, до евро, сумата од 50 илајди евра, што ја побара Никола Груевски“, „неприфаќањето на аудио снимката како доказ“, „неприфаќањето на клучниот сведок, Ден Дончев, од кого е добиена снимката и кој лично го води разговорот со Груевски околу продажбата на Македонска банка“, „и фактот што Груевски вчера на конкретно прашање дали гласот на снимката е негов, не одрече, туку се повика на партиско соопштение“. На крајот, пресудата се нарекува „ уште еден срам за судството и за Република Македонија“ и се најавува дека Заев „ќе ги употреби сите правни механизми за вистината да излезе на виделина“.

XS
SM
MD
LG