Линкови за пристапност

Состојбата со слободата на медиумите во Македонија


Протест на опозицијата во Собранието на 24-ти декември 2012-та, непосредно пред да бидат отстранети новинарите од галеријата
Протест на опозицијата во Собранието на 24-ти декември 2012-та, непосредно пред да бидат отстранети новинарите од галеријата

За премиерот Груевски - надуен балон; претседателот на ЗНМ Селмани, пак, му порачува да ги погледне извештаите од ЕК.

Денес во Скопје допатува директорот на Генералната дирекција за проширување на Европската комисија (ЕК), Кристијан Даниелсон. Како што јави Македонската информативна агенција (МИА), неговата посета „доаѓа како најава за скорешното пристигнување на комесарот Филе во македонската престолнина, со цел продолжување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) меѓу Европската комисија и македонската Влада“.

Една од темите што ЕК ги издигна на високо политичко рамниште е слободата на медиумите, за што во повеќе наврати таа изрази сериозна загриженост.

За состојбата со слободата на медиумите, премиерот Никола Груевски коментираше во интервјуто за МИА,објавено вчера. Според него, станува збор за „надуен балон“.

„Приказната со слободата на медиумите е еден надуен балон во недостаток на силна опозиција и креативна опозиција која ќе се бори на реални теми и основи, а не на надуени теми. Tаа теза се користи за политичка битка и таа стана политичка тема, но тоа е нивно алиби за поразите кои се базирани на нивните неработа и непосветеност, на нивната неискреност кон народот и безидејност“, вели Груевски, запрашан за критиките за слободата на медиумите.

„Една структура на луѓе која беше финансиски моќна и со добри интернационални контакти се обиде и до некаде успеа да ја продаде приказната дека медиумите на Велија згаснаа заради нешто друго, а не заради тоа што газдата им беше до гуша во криминал и не плаќаа даноци. (...) Тврдам дека онолку работи колку што ние имаме направено во оваа сфера како декриминализација, нов Закон за медиуми за кој преставникот на ОБСЕ рече дека е одличен, повторувам одличен, мене лично ми го кажа тоа на состанокот во Владата пред десет луѓе, а во слична форма го кажа и во јавноста па се соочи со гневот на тие кои одработуваат, а не работат. Не се виновни медиумите, не се согласувам со тезите за провладини медиуми, не се согласувам со навредите кои ги пласираат дел од таа заедница кон други новинари и обратно. Ние добро знаеме што значи неслобода на медиуми, ние бевме соочени со комплетно контролирани медиуми кои наместо новинарство тераа пропаганда од најдолен вид, со навреди, клевети, жестоки навреди, не ни пуштаа деманти на нивните лаги и конструкции“, вели македонскиот премиер во интервјуто за МИА.

Груевски додава дека „ова не значи дека не постои простор за понатамошни подобрувања во оваа сфера. Ние планираме да продолжиме со реформи кои ќе ја зајкнат слободата и стабилноста на медиумите. Сечиј добронамерен предлог е добредојден, а пред се` добрите примери во понапредните земји на ова поле“.

На ваквите ставови на премиерот реагираше претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

„Премиерот нека погледне неколку извештаи од Европската комисија и нека ги погледне забелешките во однос на слободата на изразувањето во Македонија. Ако е заинтересиран за евроинтеграциите на Македонија, тогаш по нив треба и да постапува“, рече Селмани.

Инаку, ЗНМ денес најави дека ќе се жали во Европскиот суд за човекови права во Стразбур откако Уставниот суд одлучи дека исфрлањето на новинарите од галеријата на 24-ти декември 2012-та година било „поради нивната безбедност“.

Селмани ја оцени оваа одлука како „скандалозна, апсурдна и опасна по демократијата“ и тврди дека во образложението на Уставниот суд, како аргументација дека нивната безбедност била навистина загрозена, биле дадени неточни наводи дека врз новинарите се фрлало со тврди предмети.
XS
SM
MD
LG