Линкови за пристапност

Голем интерес во Македонија за иселеничката визна програма на САД


Бројни агенции посредувале при аплицирање за „зелена карта“

Охриѓанецот Горан Симоноски пред седум години добил исленичка виза за Америка, преку иселеничката визна програма на САД, попозната како лотарија за „зелена карта“. Тој е еден од многуте Македонци на кои на овој начин им се остварил сонот за живот во САД.

И оваа година имаше голем интерес за аплицирање за оваа виза, кое инаку е бесплатно и може да се направи на Интернет.

Симоноски вели дека со добивањето на „зелената карта“, ги добил сите права и можности, но и обврски, како и секој друг американски државјанин.

„Можеш да живееш во секоја сојузна држава во Америка, а ги има вкупно педесет. Можеш да работиш. Добиваш социјален број под кој си заведен таму. Единствено додека ја имаш таа ‘зелена карта’ немаш право да гласаш. Имаш секакви можности како за работа, исто така за живот, за купување на имот на недвижнини. Знаејќи ја ситуацијата во Македонија и на Балканот, оваа лотарија станува се` поактуелна, се` повеќе аплицираат луѓето и се` повеќе заминуваат, на разни начини“, вели Симоноски.

Симоноски вели дека не постои човек на планетата кој не сака да биде државјанин на САД и да има американски пасош. Од оние кои аплицираат најчесто станува збор за млади луѓе, студенти или млади брачни парови. Некои аплицираат и по неколку години.

Многу агенции посредуваа при аплицирање за „зелена карта“. Велат дека овојпат имало најмногу интерес.

„Го работиме ова уште кога беше во хартиена верзија, односно кога ги праќавме по пошта. Од нашата агенција си заминуваат под три-четири семејства секоја година. Секогаш одговорот е ист за подобар живот. Мислам дека САД е сон за многу луѓе во светот, а исто и за Македонците. Ова им е шанса, бидејки да се отиде во Америка по некои други легални патишта и нема такви видови визи. Има и многу млади луѓе кои немаат никој таму, а сепак се одлучуваат да заминат и се успешни“, вели Анкица Крстаноска од Аура травел во Струга.

Во период од еден месец колку што траеше аплицирањето, вели Крстаноска, имало околу осумдесет апликации.

И покрај тоа што неколку милиони луѓе секоја година од целиот свет се пријавуваат за овој вид на иселеничка виза, само 50.000 годишно имаат среќа да добијат. Од Македонија за 2015 година биле избрани 436 лица. Резултатите од аплицирањето се објавуваат секоја година во месец мај со внесување на бројот за потврда. Она што е карактеристично е дека оние кои добиваат виза имаат рок од шест месеци да влезат во САД.

XS
SM
MD
LG