Линкови за пристапност

Народна кујна во Атина


Едно време прибежиште за илегалните имигранти и бездомниците, сега се` повеќе место каде оброк бараат пензионери и семејства со деца.

Време пред ручек. Се полнат чинии со топли тестенини за стотици деца. Не се работи за училиште, туку за народна кујна со која раководи градската управа на Атина. Обезбедува оброк за оние кои немаат пари да се прехранат. Се` повеќе Атињани доаѓаат тука, особено пензионери и семејства со деца.

Со кујната управува Џорџ Апостолополос, заедно со екипа волонтери. Вели, градските пари досега беа доволни, но со поголемиот број на оние кои доаѓаат за парче леб, не знае како ќе биде понатаму.

„Стравуваме за иднината бидејќи не` знаеме што не чека утре. Се обидуваме да дадеме максимум“, се доверува Апостолополос.

Христос и Марија редовно доаѓаат во кујната. Христос живеел добро се` до пред неколку години, кога ги загубил родителите, а потоа имал тешка собраќајна несреќа, по што ја загубил работата.

„Имам 48 години. Ова е најтешката ситуација во Грција што ја помнам“, раскажува Христос.

Неговата пријателка Марија своевремено имала продавница за облека, но ја загубила заради кризата.

„Веднаш потоа го загубив и домот бидејќи месечно требаше да плаќам по 450 евра. Веќе 20 дена сум бездомничка и доаѓам тука на два оброка дневно“, вели Марија.

Но, понудата на народните кујни се чини не е доволна. Стотици Грци неделава се наредија во парк во центарот на Атина за бесплатен зеленчук што го обезбедија земјоделци од Крит.

„Можеби нема да решиме ниту еден од проблемите поврзани со прехраната, но затоа покажуваме солидарност дека ние Грците сме обединети во овие тешки времиња“, коментира Никос Сапровалакис, чија компанија за храна им помага на оние што не можат да се прехранат.

Ситуацијата е таква што на се` повеќе Грци им треба помош. Со порастот на невработеноста, заедно со даноците, да не се биде гладен е проблем за многумина, а и голем предизвик за новата влада.
XS
SM
MD
LG